Скопје, 12 февруари 2009
Заради започнување со активности за превенција и справување со акти на компјутерски поддржан тероризам ( cyber terrorism ), денес се одржа работна средба на која присуствуваа министерот за информатичко општество, м-р Иво Ивановски, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Љупчо Тодоровски, директорот на Центарот за управување за кризи, д-р Панде Лазаревски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Иваноски.
Поаѓајќи од суштинската разлика помеѓу компјутерски поддржаниот криминал ( како закана со ограничен карактер ) и компјутерски поддржаниот тероризам ( како вид на глобална закана насочена кон рушење на критичната инфраструктура со цел да се загрозат животите на граѓаните и да се предизвикаат големи материјални штети ), беше нагласена потребата од интегриран пристап на сите надлежни институции.