Во средното училиште „Лазар Танев“ денеска беа презентирани обуките за оперативниот систем ЕДУБУНТУ, кои почнаа минатото лето, а ги поминаа околу 200 професори по информатика. Софтверот поседува голем број отворени апликации кои може да се преземат од интернет и да се применуваат во наставата. Тој се користи во модерните образовни центри во Европа и во САД.
За системот информираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски, кој на презентацијата присуствуаше заедно со вицепремиерот Зоран Ставрески и со директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.
Станува збор за 45 алатки, а дел од нив може да се користат за математика, физика и за хемија. Користењето на учебниците ќе продолжи, а програмата ќе служи за визуелно надополнување и практична примена на лекциите. Во софтверот ќе биде инсталиран и електронски дневник за оценки. Обуките кои се спроведуваат во цела Македонија и за сите наставници треба да завршат до средината на мај.