Станува збор за проект за меѓусебно поврзување и користење на регистрите и базите на податоци меѓу државните органи и институции, со кој во пилот-фаза се опфатени Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, Централниот регистар, Управата за јавни приходи и Катастарот.
- Тие пет институции во рок од шест месеци ќе бидат поврзани при што ќе ја забрзаат меѓусебната размена на информации и веќе ќе нема дуплирање на податоци и грешки, истакна на прес-конференција по потпишувањето на Договорот министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Според него, со системот за интероперабилност се поставуваат темелите за заживување во напредна фаза на поглавјето електронска влада. Според министерот Ивановски, ефикасноста на услугите кон граѓаните ќе се зголеми бидејќи тие при размената на податоците ќе трошат помалку пари, ќе стане минато размената на податоците меѓу институциите по УСБ и ЦД и ќе нема потреба од курири, посочи Ивановски. Наведувајќи примери, министерот за информатичко општество укажа дека ако досега на Управата за јавни приходи и биле потребни три дена за да добие имотен лист од Катастарот со системот за интероперабилност таа услуга станува достапна за само три секунди.
Според Ивановски, за натамошен развој на проектот ќе се овозможи приклучување на системот и на бизнисот во државата пред се на банкарскиот, телекомуникацискиот и осигурителниот сектор. За овозможување на меѓусебната размена на податоци меѓу институциите, веќе е донесен Закон за електронско управување. Со него се уредува дејноста на државните органи и институциите при работењето со електронски документи, доставувањето административни услуги по електронски пат и меѓусебната размена на електронски документи и податоци. Законски е регулирано која институција има право да чува податоци и да ги дава на располагање на барање на друга институција.