Меѓународна конференција „Информатичко комуникациски технологии во образованието“

Скопје, 10 декември 2008

Во организација на Фондацијата за одржливи информатички решенија „Метаморфозис“ денеска во Скопје се одржа Четврта меѓународна конференција на тема „Информатичко комуникациски технологии во образованието“, на која беа разменети искуства, добри практики и идеи за идни активности насочени кон зголемување на степенот на развој и ефикасноста на системот на основно, средно и универзитетско образование.

Министерот за информатичко општетсво м-р Иво Ивановски, кој ја отвори конференцијата, како најзначајни информатички проекти во сферата на образованието ги посочи компјутеризацијата на училиштата, субвенционирањето на студентите за купување компјутери и обуките на околу 40 илјади граѓани.

Благодарение на ваквите проекти, истакна Ивановски, освен што се постигнува развој и унапредување на образовниот процес, се зголемува и ИТ пазарот за околу 63 проценти, во однос на минатите години.

- Најначаен проект е оној за обезбедување компјутер за секој ученик. Средните училишта се опремени, во наредниот период ќе се доопремат основните училишта, а за секој ученик од прво до трето одделение, како и за наставниците и професорите ќе бидат набавени лап-топ компјутери. Набавката на сета опрема е во тек, истакна Ивановски.

Тој додаде дека во текот на наредната година покрај готовите алатки, кои се локализирани, ќе бидат набавени и специфично развиени и дополнителни софтверски алатки, кои ќе бидат конкретно прилагодени на македонските образовни содржини и програми. Исто така истакна дека во тек е подготовка за над 40 софтверски програми за исто толку предмети, а во нредните пет години ќе се изготвуваат програми за сите предмети, со оглед на тоа што во македонските училишта се учат 1.300 предмети.  

Министерот Ивановски го спомена и воведувањето стандардизирани компјутерзирани тестови во наредното полугодие, при што 100 илјади ученици во ист момент преку интернет ќе се поврзат со централниот систем, кој ќе биде во Министерството за информатичко општество и ќе ги решаваат тестовите. На таков начин ќе се утврдува колку е реално оценувањето на учениците.

Министерот информираше дека успешно е реазлизиран и вториот проект за субвенционирање на студентите за купување компјутери. - Владата до факултетите достави 10.715 ваучери, колку што и побараа. Тие пак досега поделиле 10.110 ваучери. До вчера попладне се искористени над 6.300 ваучери, рече Ивановски.

Покрај овие проекти, државниот секретар во Министерството за образование Дарко Митевски го спомена и  системот за електронска распределба на ученички и студентски бенифиции, со кој се елиминира бирократијата и субјективноста. Тој систем ги проверува податоците и врши рангирање на согласно претходно внесени податоци.

Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија Мајкл Фриц смета дека образованието е основа за растот и развојот на секоја држава. - Очигледно е важно македонскиот систем да произведува стручњаци во областа на информатиката кои се потребни за реализацијата на визијата за Е општество, рече Фриц.

Тој додаде дека УСАИД и дава поддршка на Владата во организирање обука на наставниот кадар, за изработка на софтвер за образовните програми, како и поддршка за одржување на компјутерите.

Професорот Марјан Гушев, кој е претседател на УО на фондацијата „Метаморфозис“, смета дека студентите и учениците се оптоварени од премногу факти и информации, без притоа да им се овозможи да ги дознаат методите за успешно совладување на програмите.

- Затоа треба да ги примениме вистински методи и начини, и на судентите и учениците да им понудиме доволно софистицирана технологија за совладување на наставните материјали, рече Гушев.