Нови 15 бесплатни интернет клубови

Скопје, 20 декември 2008

Владата на Република Македонија ќе отвора нови бесплатни интернет клубови во 15 градови во земјата со цел приближување информатичките, информативни и интернет технологии до граѓаните, најави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество м-р Иво Ивановски.


Според него, одлуката за отворање на новите 15 бесплатни интернет клубови е донесена по направената анализа за функционирањето на претходно отворените во 15 други градови, која покажала голема заинтересираност и посетеност од граѓаните.


- Отворањето на новите и функционирањето на досегашните бесплатни интернет клубови ќе води кон зголемување на едуцираноста, поголема информираност и достапност до информации, а со тоа и до подобрување на општеството воопшто. Целта е и да се намали дигиталниот јаз, да се зголеми интернет петнетрацијата и вклученоста на граѓаните во информатичкото општество, односно таканаречената е-инклузија, додаде Ивановски.
Новите беслпатни интернет клубови ќе бидат отворени во Велес, Струмица, Дебар, Пробиштип, Берово, Македонски Брод, Свети Николе, Радовиш, Кратово, Делчево, Валандово, Штип, Крушево, Струга и Виница.


За нив се обезбедени буџетски средства, кои, како што нагласи министерот Ивановски, се во висина од 20 милиони денари на годишпно ниво за првичната инвестиција, за функционирањето, одржувањето, опремата и платите за вработените.


Министерот за информатичко општество најави дека постапката за отворањето на клубовите започнува веднаш, а оти се очекува, по завршувањето на сите тендерски постапки за набавка на опремата и интернет конекцијата, во наредните три месеци да почне да се инсталира опремата во нив.

Во рамки на истиот проект лани Владата отвори 15 бесплатни интернет клубови. Во секој од нив, како што истакна министерот Ивановски, се вработени по тројца информатичари, кои покрај завршено содветно образование имаат и понапредни познавања од областа на информатиката, за да можат да ги извршуваат секојдневните обврски, одржување на компјутерите, но и на посетителите да им даваат техничка помош, бесплатни совети и обука.
Според анализите, досегашните бесплатни интернет клубови најногу биле посетувани од помладите, односно од оние на возраст од седум до 26 години. За периодот од поседното тромесечие најпосетуван бил клубот во Битола со вкупно 14 илјади посетители.


Отворањето на бесплатните интернет клубови е дел проектите „Светот на дланка“ и „Достап на граѓаните до интернет“, кои пак се дел од стратегијата на Владата за развој на информатичкото општство во Македонија и приближување на информациско комуникациските технолигии до граѓаните.