Дигитализација на наставните содржини во основното и средното образование

Скопје, 21 јануари 2009

Владата наскоро ќе распише тендер за програми за електронски содржини по шест наставни предмети во основното и средното образование - историја, географија, математика, физика, хемија и биологија, на четирите наставни јазици во Македонија - македонски, албански, турски и српски јазик.   Во првата фаза на проектот е предвидено дигитализација на 30 наставни часови (лекции) во основното и 50 во средното за  сите шест предмети.

За да ги информира за  плановите на Владата за развој на електронските содржини во образованието и за примена на информатичките и комункациски технологии во наставата, министерот за информатичко општество Иво Ивановски денеска организираше деловен ручек за претставници на коморите, невладините организации и на  домашните ИКТ-компании, на кој присуствуваше и министерот за образование и наука Перо Стојановски и директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.

- Целта е македонските фирми навреме да се подготват за да може да направат апликати кои ќе бидат применети во македонското образование. Очекуваме  фирмите да станат поконкурентни на пазарот, да ги развијат своите стратегии за во иднина и да придонесат за развојот на бруто-домашниот производ во Македонија и со тоа во развојот на македонската економија, изјави министерот Ивановски.



Целта е во иднина сите предмети во образованието да се дигитализираат и за нив да бидат изработени електронски содржини приспособени на возраста на учениците. Новите законски измени, исто така, како што рече Ивановски, бараат секој учебник да биде дигитализиран и на задната корица да има ЦД-РОМ. Секој автор ќе мора во договор со македонска ИКТ-фирма да развие електронска содржина, а потоа да конкурира за избор пред Министерството за образование и наука.   

Ивановски информираше и дека е во тек изработка на системот за екстерна проверка на знаењето на учениците. - Договорот беше склучен минатата недела. Најдобриот економски оператор има рок од 30 дена да го инсталира системот и потоа да следува фаза на пилот-тестирање, рече Ивановски.

Министерот за образование и наука Перо Стојановски истакна дека без модернизација на воспитно-образовниот процес и современа обука на наставниот кадар, сите реформи се осудени на пропаст. Одговарајќи на новинарско прашање, тој  рече дека компјутерите од владиниот проект се инсталирани во сите средни училишта и оти се ставени во функција онаму каде што директорите на училиштата се придржуваат на препораките на Министерството.



- За време на распустот од Државниот просветен иснпекторат беа посетени сите училишта и повторно беа дадени укажувања дека училиштата се должни да ја користат информатичко-комуникациската технологија, согласно наставаната програма и согласно Правилникот и процедурите кои им беа поделени на директорите, рече Стојановски и додаде дека МОН во соработка со Министерството за информатичко општество преку ЈП Македонска радиодифузија ја инсталира компјутерската опрема во сите училишта во земјава.