Активности за превенција и справување со последици од сајбер тероризам

Скопје, 12 февруари 2009

Заради започнување со активности за превенција и справување со акти на компјутерски поддржан тероризам ( cyber terrorism ),  денес се одржа работна средба на која присуствуваа министерот за информатичко општество, м-р Иво Ивановски, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Љупчо Тодоровски, директорот на Центарот за управување за кризи, д-р Панде Лазаревски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Иваноски.  

Поаѓајќи од суштинската разлика помеѓу компјутерски поддржаниот криминал ( како закана со ограничен карактер ) и компјутерски поддржаниот тероризам ( како вид на глобална закана насочена кон рушење на критичната инфраструктура со цел да се загрозат животите на граѓаните и да се предизвикаат големи материјални штети ), беше нагласена потребата од интегриран пристап на сите надлежни институции.

           

На состанокот беше договорена координирана активност за утврдување на институционалната рамка за градење на нормативните, финансиските, кадровските и материјално-техничките претпоставки за постапување во врска со овој тип на закани. Притоа се нагласи потребата од систематски приод и интензивна меѓународна соработка на овој план, втемелена врз времежување на националните капацитети со соодветните меѓународни институции и надлежните структури во други земји.