Отворена работилница на тема: Проекти е-влада во Македонија и најдобри ЕУ практики ( искуство од Словенија )

Скопје, 20 февруари 2009

Заменик министерот за информатичко општество, д-р Мирјана Секуловска, денес во 9:00 часот, во хотелот Арка ја отвори работилницата организирана од Секретаријатот за европски прашања во рамките на ГОФРЕ проектот компонента 5: ИТ рамка за поддршка на НПАА и процесот на европска интеграција поддржан од Британската амбасада.

Во својот поздравен говор заменик министерот најпрво ги поздрави сите присутни и им се заблагодари на гостите од Британската Влада за поддршката кои тие ја даваат во рамките на овој проект, како и на претставниците од Министерството за јавна управа на Р. Словенија за успешната тригодишна соработка.

 

Во продолжение заменик министерот  истакна:
“Целта на работилницава е запознавање на информатичкиот и експертскиот кадар во одредени области од институциите на државната администрација со тековното искуство на Р. Македонија во градењето на е-влада и искуството и препораките на Р. Словенија, како една од најуспешните земји во развојот на информатичкото општество”.


Потоа заменик министерот ги запозна присутните со некои од позначајните проекти за развој на информатичкото општество во Р. Македонија:

- воведување на е-парламент,
- систем за управување со документи во сите министерства,
- воведување на ИКТ во правосудството,
- интегрирано гранично управување,
- електронско аплицирање за вработување во државните институции,
- воведување на електронска таксена марка,
- граѓански портал,
- воведување на е-седница,
- воведување проект за интероперабилност на базите и регистрите на државните институции,
- поставување на VoIP комуникација која предвидува воведување гласовно комуницирање преку интернет протокол во и помеѓу државните институции,
- формирање на Национална широкопојасна мрежа која ќе се имплементира преку проектот Македонија се поврзува со поддршка на USAID,
- бесплатни ВИ – ФИ хот спотови на атрактивни градски локации (автобуски постројки, библиотеки, факултети и слично).


На оваа работилница свои презентации имаа и претставниците од Министерството за јавна управа на Р. Словенија,  г-дин Марко Амброж, г-дин Алеш Селан и г-дин Игор Кос, како и претставници од Министерството за информатичко општество, Агенцијата за државни службеници, Службен весник на РМ, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи.