ИКТ пазарот во Македонија лани порасна за 63 проценти

Скопје, 09 март 2009

Пазарот на информатичко-комуникациските технологии во Македонија минатата година пораснал за 63 проценти. За можноста таквиот тренд да продолжи и годинава, и покрај глобалната економска криза, денеска разговараа министерот за информатичко општество м-р Иво Ивановски и претставници на ИКТ компаниите во земјава.

Претставниците на ИКТ компаниите изразиле загриженост поради светската економска криза, побарале да се организираат обуки за да се создаде кадар кој е дефицитарен во Македонија, на малите фирми да им се помогне да направат конзорциум, како да се направи поголема промоција на македонските фирми надвор од земјава.  

- Има загриженост од фирмите, но ние како Влада ги разгледуваме сите можни законски решенија да им помогнеме на македонските фирми и за тоа ќе имаме поредовни состаноци на кои ќе ги разгледуваме проблемите што би можеле да се појават. Ќе бидеме проактивни со цел да се ублажи кризата во Македонија и да им се помогне на македонските фирми да се развиваат со темпо како во 2007 и 2008  година, истакна по средбата министерот Ивановски.

Во насока на надминување на проблемот со дефицитарен кадар за оваа област, Ивановски рече дека Владата прави напори со тоа што двојно се зголемија квотите на сите државни факултети, две години по ред се доделуваат 125, а ќе се отвори и факултет за информатички и телекомуикациски технологии во Охрид.

На средбата станало збор и проекти планирани за образованието, како што е дигитализирањето на предметите за основните и средните училиште, што кај фирмите поттикнало интерес бидејќи овозможува да направат долгорочна стратегија и да се пријават со добра понуда на тендерот што ќе го објави Владата. Ќе се почне со седум предмети, а тој број ќе се зголемува во 2010 и 2011 година.

Ивaновски додаде дека Македонија е веќе на мапата на голем број земји кои размислуваат да дојдат, а има и голем број компании што се присутни во државава да направат бизнис анализа со какви капацитети располагаат македонските компании.

Одговарајќи на новинарско прашање за падот на 12 места во светот во развој на ИКТ, миниcтерот Иво Ивановски рече дека е донесена стратегија за развој на широко достапен и брз  интерент во Македонија и оти со нејзино имплeментирање ќе има уште побрз развој.

- Владата прави напори за либерализација на пазарот, имаме вајмакс, трет мобилен оператори, 3Г услуга, користењето на АДСЛ е зголемен, а цените паѓаат. Македонија има напредок во тоа, а во наредните три години со имплементација на стратегијата ќе има уште повисок скок, истакна миниcтерот за информатичко општество.

Состанокот е прв годинава од воспоставената пракса на Министерството за информатичко општество еднаш на секој квартал да се состанат со стопанските комори за да се запознаат со проектите што ги работи Владата, како и со проблемите со кои се соочуваат македонските фирми.