Прв состанок на Националниот совет за информатичко општество

Скопје, 18 март 2009

Новоформираниот Национален совет за информатичко општество, кој има цел унапредување на состојбите во Македонија во оваа сфера, денеска ја одржа својата прва конститутивна седница.


Согласно одлуката на Владата за негово формирање, како и националните стратегии за информатичко општество и за електронски комуникации и информатички технологии, Советот е независно тело во коe членуваат претставници од државните институции, од приватниот и од граѓанскиот сектор, кои на каков било начин придонесуваат за развој на информатичкото општество.

- Националниот совет е конституиран со цел да се овозможи поедноставна комуникација меѓу сите чинители во оваа сфера, за тие да даваат насоки, предлози и можни решенија до Владата за развој на информатичкото општество во Македонија, рече на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

Тој додаде дека на седниците на Советот ќе се дискутира за сите проекти кои ги работи Владата, а се дел од стратегиите за развој на оваа сфера, ќе се предлагаат мерки како да се подобри климата за развој на македонските фирми и да се привлечат странски инвестиции.

На денешната прва седница, како што посочи Ивановски, членовите на Националниот совет биле информирани за сегашната состојба, за проектите кои се во тек, а на кои работи Министерството за информатичко општество, како и за она што се планира во наредниот период.