Пуштен во работа новиот Информационен систем за гранично управување

Скопје, 26 март 2009

Доколку инсталирањето на видео надзорот и формирањето на Дежурниот Центар за Состојби беа очите и ушите, тогаш Информациониот систем е крвотокот на Националниот координативен центар за гранично управување. Истиот треба да ги храни со информации сите институции задолжени за контрола и проток на патници и стоки преку државните граници. Сето тоа треба да вроди со значително скусување на времето за влез и излез од земјава, како и целокупната гранична контрола и процедура.

Покрај Министерството за внатрешни работи, инсталираните моќни сервери ќе сервисираат уште 14 други министерства и институции во рамки на Националниот центар за интегрирано гранично управување. Токму преку нив ќе се разменуваат сите неопходни информации и практично секоја институција ќе има пристап до базите на податоци на останатите надлежни институции, така што во најкус можен рок ќе може да се направат сите неопходни проверки. Конкретно МВР, санитарниот инспекторат, Дирекцијата за радијациона сигурност, бирото за лекови или дирекцијата за храна ќе можат да ги користат податоците на Министерството за транспорт и врски, Одбрана, Локална самоуправа, Царината, ветеринарната или фитосанитарната инспекција и обратно.

Станува збор за исклучително комплексен систем кој Р. Македонија ја става на лидерско место не само во регионот туку и пошироко. Со него се надградува и заокружува Националниот координативен центар за гранично управување, кој покрај Дежурниот центар за состојби, добива и центар за размена на информации и центар за анализи. За таа цел извршено е целосно поврзување на сите надлежни институции со оптичка мрежа, извршено е проширување на телекомуникациската мрежа со сите гранични премини, обезбедени се потребните хардверски проширувања, набавена е нова опрема за потребите на функционирање на системот, а исто така обезбеден е софтвер потребен за целосно функционирање на Националниот координативен центар за гранично управување.

Владата во овие капацитети инвестираше преку милион евра, а целокупниот концепт е целосно одобрен и тестиран од оценската мисија на Европската комисија и истиот доби највисоки оценки, односно беше посочен како најнапреден и во поглед на технолошко решение и во поглед на обемност и поврзаност на сите надлежни институци.

Раното предупредување до надлежните институции за потенцијални ризици, анализи на настани кои се повторуваат и промптната координација меѓу институциите се само дел од големите придобивки од новиот систем. Една од суштинските придобивки е исполнувањето, практично и на последните услови поставени за целосна визна либерализација.

Изминативе две години беа воведени биометриски пасоши и лични документи, кои се едни од најбезбедните во Европа, многу пред останатите земји од регионот. Беа финиширани договорите за реадмисија, а како исклучително позитивни беа оценети и резултатите во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Со денешното пуштање во употреба на Информациониот систем, Националниот координативен центар за интегрирано гранично управување станува целосно оперативен и со него не само што се исполнува уште еден услов за укинување на визниот режим, туку се оди чекор понапред во однос на воспоставување на капацитетите со кои располагаат само дел од земјите членки на Шенгенскиот договор