Презентирани обуките за оперативниот систем ЕДУБУНТУ во средното училиште „Лазар Танев“

Скопје, 26 март 2009

Во средното училиште „Лазар Танев“ денеска беа презентирани обуките за оперативниот систем ЕДУБУНТУ, кои почнаа минатото лето, а ги поминаа околу 200 професори по информатика. Софтверот поседува голем број отворени апликации кои може да се преземат од интернет и да се применуваат во наставата. Тој се користи во модерните образовни центри во Европа и во САД.

 

За системот информираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски, кој на презентацијата присуствуаше заедно со вицепремиерот Зоран Ставрески и со директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.

 

Станува збор за 45 алатки, а дел од нив може да се користат за математика, физика и за хемија. Користењето на учебниците ќе продолжи, а програмата ќе служи за визуелно надополнување и практична примена на лекциите. Во софтверот ќе биде инсталиран и електронски дневник за оценки. Обуките кои се спроведуваат во цела Македонија и за сите наставници треба да завршат до средината на мај.

 

- Обуките во училиштето „Лазар Танев“ се во завршна фаза, програмата е успешна и професорите се задоволни. По овој процес, тие ќе можат на подобар начин да ја спроведат наставата и поадекватно да ги предаваат лекциите во наредната учебна година, изјави министерот Ивановски. Тој ги демантираше информациите дека од училиштата биле украдени голем дел од компјутерите што ги донираше Владата.