Државата ќе субвенционира поставување мрежа за безжичен интернет на 680 локации во руралните средини

Скопје, 05 мај 2009

Државата ќе спроведе проект со кој на 680 локации во руралните средини ќе биде поставена инфраструктура за пренос на безжичен интернет. На утврдените ви - фи точки ќе се постави по еден интернет киоск со по еден компјутер и безжична антена, со дострел од 100 до 150 метри, а жителите на селата ќе можат во наредните четири години да користат бесплатен интернет.

 

Тоа го најави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество Иво Ивановски, презентирајќи го проектот кој годишно ќе ја чини државата милион евра, односно четири милиони евра за наредните четири години.

 

Според Ивановски, целта на проектот е да се надмине дигиталниот јаз меѓу руралните и урбаните средини, како и да се поттикнат економските оператори да инвестираат во поставување мрежи во што досега не гледаа исплатливост.- Приватниот сектор досега не гледаше можност за брз поврат на инвестиции во комуникациски мрежи во руралните средини. Затоа со овој проект приватниот сектор се субвенционира да изгради мрежи во овие средини, а по четири години откако ќе заврши услугата која ја набавуваме од операторите мрежата останува во нивни раце, појасни Ивановски.

 

Реализацијата на проектот ќе почне со објавување тендер за набавка на услугата бесплатен интернет од економските оператори. Тие ќе може да конкурираат за една или повеќе од 13. територијални единици, кои се поделени  со процентуално ист број жители.

 

- Операторот во наредните четири години треба да нуди бесплатен интернет со тоа што ќе инсталира киоск и безжична антена во негова сопственост, а Министерството за информатичко општство ќе ја плаќа само услугата. За одржување на опремата исто така се грижи економскиот оператор, а за квалитетот операторот потпишува договор. Во првите четири години Владата ќе ја плаќа услугата, а потоа економскиот оператор ќе продолжи да нуди интернет бидејќи се надеваме дека по тие четируи години граѓаните ќе успеат и од свои финансиски средства да набават компјутери и интернет,рече Ивановски.
Тој нагласи дека во руралните средини има жители кои се финансиски моќни да набават и компјутер и интернет, но оти нема соодветна инфраструктура.