Во Охрид Трета регионална конференција за управување со информатичката технологија

Охрид, 27 мај 2009

Во Охрид денеска беше отворена Третата регионална конференција од областа на управувањето со информатичката технологија (итСМФ), на која учествуваат 50-тина експерти по информатичката технологија од земјите од регионот, повеќе други европски држави и од САД.


- Учесниците на овој Форум ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти што ги имаат направено во своите земји, со цел да се промовира ИТИЛ-стандардот кој во Македонија не е толку застапен, но кој се повеќе се користи во приватниот сектор и државните институции, како стандард со кој се регулираат процесите на водењето на бизнисот, водењето на моделите на инфрастурата поставена во државата, се со цел поголема ефикасност, транспарентност и поголемо производство од оние кои ги спроведуваат тие стандарди, изјави министерот за информатичко општество, м-р Иво Ивановски.

 

На Конференцијата покрај размена на сопствените искуства, експертите ќе говорат и за глобалните текови и современите трендови во областа на информатичката технологија.
На прашањето како ќе се одрази глобалната економска криза во однос најавените странски инвестиции во Македонија во областа на ИТ, министерот Ивановски со оценка дека иако дел од најавените инвестиции во областа на компјутерската опрема и софтвер се одложени, голем број компании покажуваат интерес за инвестирање во земјава. Тој најави дека наредниот месец фирмите „Хајер“ и „Тривиа“ почнуваат со изградба на фабрика за ЛЦД-монитори и телевизори во Бунарџик, како и линија за склопување на компјутери, наменети за европскиот пазар.