Прес на заменик министерот за информатичко општество, д-р Мирјана Секуловска

Скопје, 26 јуни 2009

ПОЧИТУВАНИ,

претставници на медиумите, благодариме за Вашето присуство на денешниов прес во врска со Предлог – Законот за електронско управување.

На почеток ќе изнесам кратка хронологија на активности, со цел да дојдеме до Предлог – Законот за електронско управување.

 

1.Со формирањето на Министерство за информатичко општество (МИО) во 2008 година , Владата на РМ покажа спремност и политичка волја за издвојување на буџетски средства за градење на информатичко општество, по примерот на високо развиените европски земји.

МИО ја има централната улога во тоа.  Со досегашните информатичко-телекомуникациски достигнувања редовно преку Вас се информира пошироката јавност во РМ. 

Една од основните задачи на МИО претставува воведување, развивање и одржување на систем за интероперабилност на регистрите и базите на податоци меѓу државните институции и пошироко. Најопшто, интероперабилноста значи функционално поврзување на регистри и бази на податоци за меѓусебна размена на податоци и документи по електронски пат.

За таа цел, МИО е координатор на проектот за Интероперабилност, којшто претставува еден од најзначајните и воедно најкомплексните проекти од областа на информатичко општество што досега се започнати во РМ.  Проектот интероперабилност, всушност претставува процес, којшто подразбира перманентно вградување информатичко-телекомуникациски решенија и технолошки стандарди и процеси низ институциите на системот. 

Тоа ни дава за право да кажеме дека преку овој проект вистински градиме информатичко општество и преку овој проект повеќе од видлива е проевропската ориентација на Владата на РМ.  Ова го кажувам, бидејќи во реализирањето на проектот за меѓусебна размена на податоци помеѓу државните институции и пошироко се водиме од Препораката бр.3 на Европската рамка за интероперабилност и Програмата на Европската комисија за интероперабилност на европските е-владини услуги, јавната администрација, бизнис заедницата и граѓаните IDABC (Interoperable Delivery of European e-Government Services to public Administration, Businesses and Citizens).

 

 

2.Сега на ред е прашањето зошто потребата од Закон за електронско управување?

Сметам дека од претходниот вовед, јасно се укажува на неопходноста од донесување на Законот за електронско управување, којшто ќе овозможи реализирање на проектот за интероперабилност односно меѓусебно поврзување и користење на регистрите и базите на податоци во државните органи и институции, поради што овој закон со право добива предзнак револуционерен закон во законодавството на Република Македонија во ИТ областа.

 

Со овој закон се уредува работата на министерствата, судовите, јавните обвинителства и државното правобранителство, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините на градот Скопје, при размена на податоци и документи во електронска форма, односно при остварување на административни услуги по електронски пат, кога е тоа утврдено со закон.

Законот овозможува интегрирање и поврзување на регистрите и базите на податоци каде истите се воспоставени. Со оваа интеграција, институциите нема да имаат потреба да бараат податоци кои веќе други институции ги имаат и на тој начин ќе се избегне непотребното дуплирање на податоците. Исто така,  институциите нема да имаат потреба од поголем обем на информации од деловните субјекти и граѓаните што ќе овозможи работата на државните органи и институциите да биде далеку поефикасна.

Овој закон нема да ги опфаќа електронските документи кои содржат класифицирани информации и истиот нема да ги промени правилата за постапување со документи во хартиена форма.



Почитувани,
Врз основа на Законот за електронско управување ќе се изготват и неколку подзаконски акти од страна ма МИО, со коишто детално ќе се уредат стандардите и критериумите за меѓусебно поврзување и користење на регистрите и базите на податоци меѓу државните органи и институциите односно за оперативна функционалност на информациските системи од организациски, технички и семантички аспект.


Во овој закон ќе се забрани формирање на регистри со исти податоци во различни државни органи и институции и ќе се создаде законска претпоставка за оневозможување од непотребно повторување на податоците односно ќе се дефинира точно кои државните органи и  институциите кои информации ги собираат,  начинот на собирање на податоците, од која институција ги преземаат и до кого ќе ги доставуваат.

Согласно Законот, МИО е надлежно и за постигнување на потребното ниво на мрежна и информациска безбедност на сите системи, како најважен и задолжителен услов во процесот на меѓусебна размена на податоци и документи во елктронска форма, вклучувајќи ја и контролата.

Законот за електронско управување најпрво ќе се имплементира во интерна конекција помеѓу  државни органи и институции и нивните регистри и бази на податоци.

Следен чекор е негова имплементација и во бизнис секторот, граѓаните и интернационалната интероперабилност како последица од глобализацијата на информатичкото општество.

Користа од Законот за електронско управување е многукратна и од економски аспект и од аспект на корисниците:

  1. ефикасна и ефективна администрација,
  2. намалување на трошоците на работењето на администрацијата,
  3. во реално време и за многу кратко време извршување на административните услуги по електронски пат,
  4. зачувување на доверливоста и интегритетот на регистрите и базите на податоци,
  5. елиминирање на дуплирањето на податоци,
  6. компаниите и граѓаните од едно место ќе можат да ги добијат потребните податоци и документи по електронски пат.

Ви благодарам за вниманието!

Заменик министер за информатичко општество, д-р Мирјана Секуловска