Министерството за информатичко општество и УСАИД ќе ја интензивираат соработката за проектот е-влада

Скопје, 02 јули 2009

Министерството за информатичко општество и УСАИД ќе ја интензивираат досегашната соработка. Тоа го официјализираа и со денешното потпишување Меморандум за разбирање чија цел е создавање услови за ефикасно спроведување на проектот е-влада и развој на електронските комуникации воопшто.


Изградбата на информатичкото општество е цврста заложба на Владата. Во тек се голем број проекти за развивање и имплементирање решенија кои се во согласност со светските барања и стандарди. Со нашите активности делуваме кон развој на е-инфраструктурата, е-граѓани, е-бизнис, е-образование, е-здравство. Проектите за развој на електронска влада се само една компонента, рече ресорниот министер Иво Ивановски по потпишувањето на Меморандумот.


Проектот е-влада, напомена Ивановски, досега овозможи имплементирање на повеќе апликации меѓу кои електронскиот систем за јавни набавки, царинскиот систем за увозни и извозни дозволи и тарифни квоти, системот за електронска пријава и одјава на работен однос, е-даноци...


- Меморандумот за разбирање што денеска го потпишавме претставува рамка на нашата идна соработка која ќе опфаќа најразлични видови теоретски и практични обуки, изработка на процедури и стратешки документи, советување и пренесување искуства на најразлични нивоа, истакна директорот на УСАИД за проектот е-влада Гордана Тошева.


Според неа, УСАИД токму преку проектот електронска влада веќе пет години работи на подобрување на квалитетот на услугите на државната администрација кон деловните субјекти и граѓаните. Тоа, додаде Тошева, подразбира овозможување полесна интеракција меѓу двете страни, побрза комуникација, ефикасност, транспарентност и намалување на трошоците при давањето услуги.


Македонија мора да прави максимум напори за да ги искористи достапните информатички и комуникациски технологии во функција на развој на економијата и на општеството во целина, е заедничката визија на Владата и УСАИД.


Проектот е-влада ќе трае до 2010 година, а со воведувањето нови и оригинални решенија, како што посочи министерот Ивановски, ќе им се олесни животот на граѓаните.