Форумот на Глобалната алијанса на ОН за развој на информатичките технологии во 2011 во Македонија

Скопје, 25 септември 2009

Македонија во 2011 година ќе биде домаќин на Годишното собрание на Глобалната алијанса на Обединетите нации за развој на информатичко-комуникациски технологии (ГАИД). Одлуката била едногласна поради реформските проекти во областа ИКТ-секторот во земјава. Донесена е на годинашниот форум на ГАИД што овој месец се одржа во Монтереј, Мексико, на кој учествуваше и министерот за информатичко општество Иво Ивановски.


Тој денеска на прес-конференција соопшти дека конференцијата била глобален и динамичен настан, на кој учествувале највисоки претставници на водечки копмании во ИКТ-секторот, како „Мајкрософт“, „Интел“, „Ериксон“, „Гугл“..., како и министри, академици, едукатори и претставници на Обединетите нации.


- Присутните дискутираа и на теми за ИКТ во образованието, се разгледуваа и проекти за развој на ИКТ-технологии во неразвиените земји и за милениумските цели на Обединетите нации, меѓу кои голем дел се посветени на информатичката пристапност и еднакви права за образованието на децата во светот. Многумина од присутните позитивно ги оценија и ги пофалија проектите кои ги реализираат Министерството за информатичко општество и Владата на Република Македонија, рече Ивановски.


Тој во Монтереј имал средба со Николас Негропонте, творец на проектот за лаптоп за секој ученик, како и со Ша Зуканг, заменик генерален секретар на ОН за економски и социјални работи.


- Го поканивме Негропонте да ја посети Македонија. Тој не информира дека ја следи Македонија, зашто е на прво место во светот по бројот на компјутери во образованието пропорционално со бројот на ученици. Претходно Кореја беше број еден, а сега тоа е Македонија, рече Ивановски.


Во конкуренција за земја-домаќин во 2011 година покрај Македонија биле и Египет и Нигерија. На изборот влијаел и порастот на пазарот во Македонија во 2007 и 2008 година и инвестирањето во ИКТ и развојот на приватниот сектор.


Се очекува по две години на конференцијата во Македонија да има околу илјада учесници. Форумите на ГАИД се одржуваат четири години - првпат лани во Њујорк, годинава во Мексико, а наредната во Кина.


Слики од настанот во Монтереј, Мексико