Нови оригинални македонски фонтови достапни бесплатно за граѓаните

Скопје, 30 септември 2009

Министерството за информатичко општество изработи 81 оригинален македонски фонт за потребите на граѓаните и Владата на Република Македонија. Од нив 40 ќе користи Владата, а 41 граѓаните на Република Македонија.

Со новите фонтови, кои бесплатно можат да се преземат од веб-локацијата на министерството www.mio.gov.mk, се овозможува соодветна употреба на македонската азбука и македонското кирилично писмо во информатичката технологија. Секој од фонтовите поддржува и пишување на околу 40 светски јазици.

 

- Македонските граѓани досега во секојдневното работење, при користењето на постоечките македонски кирилични фонтови беа приморани да користат букви од бугарската и руската азбука. При тоа се појавуваа проблеми во текстот кога се користеа кривите (италик) букви: г, д, к, п, т. Тие отстапуваа од стандардната форма на нашето кирилично писмо и тоа ја уништуваше читливоста и графичкиот изглед на текстовите, рече министерот за информатичко општество Иво Ивановски на денешната презентација на новите фонтови.

 

Тој посочи дека фонтовите се прилагодени за сите оперативни системи и се дизајнирани да бидат идентични за секој оперативен систем. Исто така, нив без проблем ќе можат да ги читаат и сите граѓани кои ги немаат инсталирано, без разлика на кој фонт работат.

 

- Фонтовите се составени од 57.725 карактери и 1.066.360 керинг парови. Во нив се интегрирани и основните симболи на Владата - грбот, знамето и други општи симболи кои се користат во секојдневното визуелно комуницирање. Тие се наменети за масовна употреба со цел да се промовираат и сочуваат основните карактеристики на македонското кирилично писмо како една од основните вредности на македонскиот идентитет, рече Ивановски.

 

Министерот за информатичко општество прецизира дека бројките и буквите во сите фонтови се исти, а единствена разлика меѓу оние што ќе ги користи Владата со другите кои се наменети за граѓаните е што во нив има повеќе карактеристики за грбот и архивски знаци.

Прашан дали со воведувањето на новите фонтови ќе се санкционира користењето на странските фонтови, министерот Ивановски рече дека тоа нема да се случи и додаде дека и досега некои приватни компании изработувале сопствени македонски кирилични фонтови, но тие не биле достапни за граѓаните.