Скопје, 02 октомври 2009
Универзитетот Бостон, четвртиот по големина приватен универзитет во Соединетите Американски Држави и меѓу 50-те водечки во светот, од 25 јануари 2010 година првпат во Македонија ќе отвори програма за постдипломски студии од областа на информатичките технологии.
На свечената промоција, присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Министерот посочи дека студиската програма е креирана според пазарната економија на САД.
- Тоа значи дека постдипломците од овој Универзитет ќе имаат знаење за иднината. Дипломата ќе биде реномирана, а нејзината тежина отвора повеќе врати, рече Ивановски.
Предавањата, оценувањата и целиот образовен систем ќе го изведуваат само професори од Бостонскиот универзитет он-лајн, но и со нивни доаѓања во Македонија. Судентите ќе имаат ист третман и услови како и нивните колеги во САД. Диплломата што ќе ја добијат идните македонски магистри ќе биде еквивалентна и еднакво вредна како и дипломите на постдипломците на Универзитетот Бостон. Тие ќе имаат и можност дел од образованието да поминат на тој американски универзитет.
Премиерот Груевски ја потенцираше визијата на Владата - Македонија да стане регионален информатичко-телекомуникациски центар што позитивно ќе влијае на развојот на македонската економија.
- Ова е одлична можност за сите заинтетесирани информатичари од земјата и од регионот да стекнат титула магистер по информатички технологии на Бостонскиот универзитет, а ќе значи и огромен импулс за зголемување на конкуренцијата на нашето високо образование и продуцирање поголем квалитет и развиени образовни програми, рече Груевски.
Постдипломските студии ги презентираше Љубомир Читкушев, професор на Универзитетот Бостон, кој е експерт во областа на кибернетички криминал, истакнувајќи дека сите академски стандарди ќе бидат во сооднос со тие во Бостон.
- Одлуката да се нудат диполми од Универзитетот во странство е голема обврска. Бостон Универзитетот ги вметнува своите академски принципи во сите тековни активности на прекуокенаските потфати, вклучувајќи го и тој во Македонија кој го почнуваме денес, рече Читкушев.
Универзитетот Бостон е отворен во 1839 година и е прв кој ги отворил сите оддели за студенти-жени и за сите религии и раси. Има 33.000 студенти на 4.000 факултети. Таму завршиле 300.000 студенти, а дипломирале и 45.000 странски студенти од 153 земји. Меѓу неговите студенти бил и нобеловецот Мартин Лутер Кинг, а во моментов таму предаваат четворица добитници на Нобелова награда.