Меморандуми со „Интел“ за електронски наставни содржини и за обука на наставници

Скопје, 06 октомври 2009

Корпорацијата за информатичка технологија „Интел “ и Владата на Република Македонија потпишаа два меморандума за соработка за унапредување на електронско учење во училиштата во Македонија – меморандум за донација на електронски наставни содржини од прво одделение до четврта година, во износ од 15 милиони долари, и меморандум за обука на одделенски наставници за работа со преносни компјутери за учениците од прво до трето одделение.

 

Меморандумите ги потпишаа министрите за информатичко општество и за образование и наука, Иво Ивановски и Никола Тодоров, со потпретседателот на „Интел“ Џон Дејвис, кој претходно по овој повод во Владата имаше средба и со премиерот Никола Груевски.

 

Донацијата на „Интел“ вклучува локално адаптирани и лиценцирани материјали, обука на илјада наставници кои ќе ја интегрираат технологијата во наставната програма, обезбедување водичи за професорите и квалификување на мастер-предавачи за воведување на програмата низ цела Македонија.

 

Обуката на професорите и програмските цели на содржините на материјалите се изградени согласно со најавените планови на Владата за употреба на училишни компјутери. Досега е во тек развој и употреба на 53.000 училишни компјутери опремени со Интел, со што ќе се обезбеди пристап до компјутер за сите ученици во основните училишта од прво до трето одделение.

Наставниците од прво до осмо одделение ќе употребуваат 22.000 преносливи компјутери. Се очекува воведувањето училишни компјутери да биде завршено до јануари, со што тие ќе станат интегрален дел од секојдневните наставни програми. Истовремено ќе почне и обуката на професорите.

 

Министерот Ивановски по потпишувањето на меморандумите рече дека донацијата овозможува примена на модерни електронски содржини какви што се користат во развиените западни земји.

 

- Со ова се надополнува уште едно поле од проектот „Компјутер за секое дете“. На иницијатива на премиерот Никола Груевски и на потпишаниот договор минатата годна во Калифорнија, денеска тој се официјализира и Република Македонија добива е-содржини во износ од 15 милиони долари, за четири наставни програми - математика, хемија, физика и биологија, кои се применуваат во САД, Велика Британија, Русија и на Блискиот Исток, рече Ивановски.

 

Инвестицијата ја поздрави и министерот за образование и наука Никола Тодоров, посочувајќи дека таа ќе го подигне квалитетот на образованието во Македонија.

 

- Квалитетното образование е меѓу основните стожери на одржливиот економски развој на земјата. Затоа, Владата и Министерството за образование и наука, и натаму посветено ќе продолжи да работи на развој и унапредување на образованието за да постигнеме економија базирана на знаење и на технолошки напредок, рече Тодоров.

 

Потпретседателот на светската корпорација Џон Дејвис посочи дека Македонија се движи брзо во имплементирањето програми за едукација на децата и младите.

- Ова е голема посветеност. На овој начин вие ќе станете лидер во регионот, ќе ги изградите способностите на младите генерации и ќе покажете пример во која насока образованието треба да се движи, рече потпретседателот на „Интел“ Џон Дејвис.