Соопштение за Интернационалниот Самит за Е- учење (E- learning International Summit)

Порто, Португалија, 11 ноември 2009

На 10 и 11 ноември- Порто, Португалија, се одржува Е- учење Интернационален Самит во организација на „Intel“. Како еден од лидерите во ИТ индустријата, цел на Интел е да го охрабри развојот на образованието низ земјите во светот преку насочување на своите ресурси кон развој на технологии и програми кои ја унапредуваат образовната средина.

 

Од четириесетте присутни земји, Македонија беше претставена како една од најуспешните земји во достигнувањата во реформите на образованието со примената на информатичките и комуникациските технологии. Министерот Иво Ивановски имаше воведно обраќање пред присутните за проектот „Компјутер за секое дете” и ги запозна со реформите што Македонија ги има направено во образовниот систем.

 

„...прашањето за способна и образована работна сила е секогаш приоритет. Ова е областа каде Македонија ги направи најголемите достигнувања и реформи- „ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ!“ - нагласи Ивановски во своето обраќање.

 

Во своето обраќање, покрај презентирањето на целиот концепт за модернизација на македонскиот образовен систем преку обезбедување компјутер за секој ученик и наставник, обезбедување едукативни алатки и обуки за наставниот кадар, министерот Ивановски ја нагласи заложбата на Владата на Република Македонија во алокација и покренување на иницијативи кои ги привлекуваат инвестициите на голем број светски компании, и местото што Република Македонија како резултат на тие заложби го има во последниот извештај „Doing Business report“ на Светска Банка- помеѓу топ 3 земји со најголеми реформи. 

 

Во текот на дводневната посета, министерот Ивановски оствари средба со менаџерскиот тим на Интел, каде се разговараше за досегашната заедничка соработка како и идни планови за отворање на Интелов центар за развој и истражувања во Македонија, влез на Интелов капитал во домашните ИТ фирми и соработка помеѓу Интел и Универзитетот за информатички технологии во Охрид.

 

Во рамки на посетата, ќе бидат остварени и билатерални средби со неколку делегации (Русија, Украина, Казахстан, Бразил, Саудиска Арабија, Јужноафриканска Република).