Соопштение за министерската конференција за е-Влада што се одржува во Малме, Шведска

Скопје, 20 ноември 2009

На покана на шведското претседателство и Европската Комисија, министерот за информатичко општество м-р Иво Ивановски присуствуваше на 5-тата Министерска конференција за е-Влада која се одржува во Малме, Шведска.

На министерскиот состанок присуствуваа високи функционери (министри, вицепремиери и заменици министри) од вкупно 33 земји членки и кандидати-членки за влез во ЕУ. На истиот беше разгледувана Министерската Декларација за е-Влада преку која поканетите земји се обврзаа на зголемена взаемна соработка во полето на е-Влада во периодот 2011-2015 година.

 

Со Декларацијата, 34-те земји се согласија да ги насочат своите активности кон воведување на електронски услуги прилагодени на потребите на граѓаните, кон воспоставување зголемен пристап до јавни информации, зголемена транспарентност и градење ефективен начин за вклучување на сите заинтересирани страни во процесот на креирање политики. Исто така, за граѓаните и бизнис заедницата се овозможува мобилност во единствениот европски пазар за: основање бизнис, учење, работење, престојување и пензионирање.

 

Декларацијата беше едногласно прифатена од претставниците на сите присутни земји. Македонија заедно со Турција и Хрватска како сериозни кандидати за членство ја имаа честа рамноправно со земјите членки да присуствуваат, да дадат свое мислење и забелешки по Декларацијата и да придонесат за изгласување и прифаќање на истата.