Министерот Ивановски во посета на новоформираниот Универзитет за информатички технологии во Охрид

Охрид, 23 ноември 2009

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски денеска престојуваше во Охрид, во посета на студентите и професорите на новоформираниот Универзитет за информатички технологии.

- Целта на посетата е да се запознаеме со учениците, наставниот кадар, со цел да го следиме напредокот на процесот, доколку има потреба навреме да интервенираме, со цел Универзитетот да прерасне во елитна образовна институција што ќе произведува високообразован кадар со престижна дилома со голема тежина, не само во Македонија, туку и пошироко, истакна министерот Ивановски.


Тој додаде дека до крајот на оваа година наставата треба да се префрли во новите простории чија реконструкција е во тек, додека за проектот за поголемиот проект што предвидува изградба на супермодерен универзитетски кампус со најмодерна инфраструктура - со спортски сали, студентски домови, опремени училници за настава.


Ивановски рече оти се очекува неговата реализација да отпочне наредната година. - Тоа е голема инвестиција, а наша интенција е тоа да биде квалитетно изработено. Предвидено е овој универзитет да биде супермодерен, за што е потребно малку повеќе време, додаде Ивановски.
Инаку, министерот потсети дека дефицитот на информатичари, како во светот така и во Македонија, е причината за формирањето на овој Универзитет за информатички технологии.


- Кадарот што ќе излегува од овој Универзитет ќе биде поткован со знаење, подготвен веднаш да се вклопи во стопанството и на тој начин да придонесе за натамошниот економски развој во земјата, без притоа да се оптоварува приватниот сектор со дополнителни надградби, каков што е случајот со некои други високообразовни установи, додаде министерот Ивановски.


Факултетот за информатички технологии засега ќе биде сместен во објектот на поранешниот Дом на АРМ во Охрид, чија реконструкција и пренамена е во тек. На новоформираниот Факултет е предвидено во прво време да студираат 125 студенти, со современа програма и голем број професори – експерти по информатика од странство.