Нови лаборатории за Електротехничкиот факултет

Скопје, 01 декември 2009

Електротехничкиот факултет (ЕТФ) во Скопје ќе добие нови 21 лабораторија за натамошно подобрување на практичните знаења на студентите, најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски при денешната посета на ЕТФ.

Дел од лабораториите ќе бидат обезбедени до крајот на годинава, а останатите во текот на наредната. 


- Со нивното ставање во функција ќе се подобри нивото на практично знаења на студентите на Електротехничкиот факултет, каде практичниот дел  е доста применет, оцени министерот за информатичко општество.


Тој потсети дека приватниот сектор постојано апелира да се подобри практиката кај студентите, за да бидат корисни кадри на работните места.
- На Македонија и се потребни способни млади кадри кои откако ќе излезат од образовниот систем ќе можат диретно да се вклучат во економијата, да придонесат во нејзиниот развој, односно да можат да го пренесат знаењето кое го стекнале во студентските денови, рече Ивановски.


Важноста на практичните знаења министерот Ивановски  ги истакна пред студентите на ЕТФ во предавањето што го одржа на тема „Ефектот на интернетот врз развојот на светот“. 


- Целта е студентите да се запознаат како се менуваше светот со примената на Интернетот почнувајќи од 1969 година па се до денес, кои се измените и постигнатата револуција и да ги мотивираме  да се образуваат и да го надградуваат своето знаење, изјави при посетата на ЕТФ министерот за информатичко општество.