Интернетот во функција на поголема транспарентност на власта и евроинтеграцијата

Скопје, 03 декември 2009

Примената на интернетот и другите нови информатички технологии, покрај традиционалните медиуми, овозможуваат поголема транспарентност во работењето на Владата и демократизација на општеството бидејќи отвораат нови канали за вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки.
Тоа беше истакнато на завршниот ден од петатта меѓународна конференција „е-Општество.мк“.


Министерот Иво Ивановски во своето обраќање истакна дека граѓаните во Македонија имаат отворен пристап до владините информации и услуги и можат да учествуваат во градењето на демократско општетство преку процесот на градење на концептот на е-владеење кој е веќе започнат и ги дава првите успеси. Сепак, додава, останува уште многу да се сработи. Владата ќе развива алатки за ефективна јавна дебата и партиципација во демократскиот процес на донесување одлуки.


- Намалена корупција, поголема транспарентност и зголемена информациска безбедност при остварување на правата и обврските се очекуваните резултати. Разбран на овој начин концептот на е-Влада ќе претставува не само поддршка во работењето на администрацијата туку и значаен фактор за одржлив развој на целото општество, рече Ивановски.


За Изабел Гинел од Француската амбасада, постојат три можни развојни патеки во примената на новите комуникациски технологии: реконструирање на калисичните медиуми и нивно ориентирање кон интернетот, експлозијата на веб-радиото кое нуди информации во реално време и видно зголеменото потпирање на владините, општествените институциите и на здруженијата врз новите медиуми кои се принудени да ги менуваат односно прилагодуваат своите начини и стратегии на работа за да одговорат на потребите на денешното време.


Интернетот особено е податлив, според Гинел за конкретни дебати, за локални или глобални прашања, како и за разменување идеи за покусо време. Примената на новите технологии, подвлекува таа, претставува особен предизвик и за ЕУ, како во однос на брзата граѓанска мобилација за прашања кои задираат во нивните основни права и слободи, така и во однос на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.


- За земјите од Западен Балкан кои се во процес на интеграција кон ЕУ согласно следењето и напредокот по поглавјата во преговорите технички ќе има промена на практичните постапки. Ќе се отвори и прашањето на пристапот на интернет, а имањето на блог ќе има особено значење, смета Гинел за што, Европската комисија има развиено цела серија средства кои се на располагање, како панели за консулации со европските граѓани кои имаат големо значење во процесот на проширувањето.


Петатта меѓународна конференција „е-Општество.мк“, што годинава беше насловена „Јас медиум“, ја организираше фондацијата „Метаморфозис“ со поддршка на Програмата за децентрализирана соработка меѓу Република Македонија и францускиот регион Долна Нормандија, а учествуваа македонски и странски претставници од сите општествени сектори засегнати со примената на информатичките и комуникациските технологии во локалната самоуправа.