До крајот на јануари сите наставници во Македонија ќе добијат преносен компјутер

Скопје, 18 декември 2009

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска на професорите во Градежниот училиштен центар „Здравко Цветковски“ во Скопје им доделија преносни компјутери, со што беше официјализирана дистрибуцијата на 22.000 лаптопи за наставниот кадар во средните и основните училишта во Македонија.


Распределбата на лаптопите за наставниците во сите училишта треба да заврши до крајот на идниот месец. Од нив, 1.874 се наменети за наставниците во средните скопски училишта. Секој професор ќе поседува службен преносен компјутер што ќе го носи на работа и дома и на кој ќе ги подготвува своите наставни програми и содржини. Покрај интернет, преносните компјутери се опремени и со излези за видеобим и печатач.


- Со овие 22.000 лаптопи Македонија стана прва земја во светот која има компјутер за секој просветен работник. Лаптопите се модерни, функционални и доста моќни, едноставни и преносливи. Набавени се, пред се, за модернизација на наставата и за да им се олесни на наставниците да ја подготвуваат наставата и вон работното време. Целта е македонското образование да се крене на повисоко ниво на кое ќе биде истакната креативноста на професорот, рече министерот Ивановски.


Проектот чини околу 250 милиони денари. 12.000 професори од средното образование ја поминаа обуката минатата година, а сега следува и обука за наставниците во основните училишта.


Со проектот „Компјутер за секое дете“, почнат во 2007 година, беа набавени 100.000 компјутери (за учениците во сите средни и за една третина од основните училишта) и уште 65.000 во втората набавка - со кои се опремуваат останатите паралелки во основните училишта.


Од второ полугодие и основците ќе работат на компјутери, кои до крајот на јануари ќе бидат поставени во сите основни училишта и ќе бидат завршени зафатите во инсталациите за електрична енергија. Според извештајот на Министеството за информатичко општество, оштетени се 8 до 9 проценти од компјутерите во училиштата.