Наскоро повеќе статии на македонски јазик на Википедија

Скопје, 24 декември 2009

Содржините на македонски јазик на интернет се од особена важност за македонските граѓани особено за оние кои не познаваат ниту еден странски јазик. Како најбрзо растечка и една од најголемите електронски енциклопедии а воедно и една од највлијателните страни на интернет, Википедија се наметнува како сериозен извор на знаења и информации за граѓаните.

 

Во моментов на Википедија има околу 37.000 илјади статии на македонски што е малку во споредба со останатите соседи. Како пример, нашиот северен сосед Србија има скоро трипати повеќе статии од нас, поточно над 98 000 и моментално е лидер на Балканот. Зад нас се најдуваат Босна и Херцеговина со околу 28 000  и Албанија со 24 000 . Од останатите Балкански земји, Хрватска има над 70 000 статии, Грција  над 45 000, Словенија над 80. 000 и Бугарија со  околу 82 000 статии.

 

Поради тоа Министерството за информатичко општество иницираше  Проект за зголемување на бројот на македонски содржини на Википедија. Целта на овој проект покрај зголемувањето на бројот на македонски содржини на интернет е и зголемување на свесноста за постојано креирање на нови содржини.

За реализација на оваа идеја Министерството за информатичко општество формира Работна група која ќе работи на овој проект а се состои од претставници на Филолошките Факултети во РМ и претставници од други факултети и институции кои можат да допринесат во реализацијата на проектот.

 

Со таа цел  министерот за информатичко општество Иво Ивановски и деканите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Факултетот за филолошки науки при Универзитетот ФОН, Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ Колеџ-Скопје и Природно-математичкиот факултет при скопскиот Универзитет,  потпишаа Меморандум за соработка и разбирање.

 

Факултетите ќе работат на поттикнување на своите студенти, преку конкретни мерки за создавање на поголем број на статии на Википедија под надлежност на работната група составена од стручни лица од образовните институции кои го потпишаа меморандумот.

 

Изработена е и веб локација на која студентите ќе може да пристапат и да изберат теми кои ќе ги работат. Таму можат да се најдат и упатства за правилно подготвување и поставување на текстови на википедија.