Во 2010 и 2011 година очекуваме пораст на примената на ИКТ

Скопје, 24 декември 2009

Изминатите три-четири години Македонија има постигнато напредок, но очекуваме 2010 и 2011 година да бидат години, во кои Македонија драстично ќе има пораст во примената на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ), рече денеска министерот за информатичко општество Иво Ивановски на првата Kонференција за развој на информатичката технологија во локалните самоуправи, во организација на ЗЕЛС.


Ивановски додаде дека се работи за два големи проекти, цело поглавје од Електронска Влада и најновиот проект кој веќе е почнат од министерството, Електронски документи за граѓаните.


Со воведување на проектот Електронски документи за граѓаните, како што посочи тој, една институција на електронски начин ќе може да да ги добие потребните документи од останатите институции.


Ивановски рече дека очекуваат во 2010 година да завршат анализите за институциите, на централно и локално ниво, и да се направат Предлог-проекти, акциски планови со финансиска конструкција.


Според него, голем број општини постигнале успех и напредок во воведување електронско општество, но додаде оти е потребно повеќе да се сработи и ја потенцира потребата од меѓуопштинска соработка.


- Пред се, потребно е да се постави инфраструктура, со цел електронските услуги да бидат поедноставно достапни до граѓаните и до бизнис заедницата, рече Ивановски и додаде оти во поглавјето електронско владеење, Македонија се уште не е на она ниво за кое се залагаат.


Зоран Алексов, претседател на Комисијата за електронски општини при ЗЕЛС и градоначалник на општина Штип истакна дека постојат разлики во нивото на информатичка опременост и степенот на подготвеност на општините за прифаќање на новите технологии.


Според него, зголемената и подеднаква искористеност на ИКТ во македонските општини ќе придонесе кон урамнотежен развој на државата и во олеснување на меѓуопштинската соработка на членките на ЗЕЛС.


На конференцијата беше промовиран и Прирачникот за изработка на локални ИКТ стратегии.


Николче Мицкоски, промотор на Прирачникот нагласи дека тој содржи информации за тековните состојби на општините од оваа област, како и законска рамка и стандарди, информациска сигурност и теркови за локални ИКТ стратегии за градски развиени општини, за градски општини во развој и за руралните општини.


Прирачникот е достапен во ПДФ формат на страницата на ЗЕЛС, на www.zels.org.mk.