Избрани операторите за отворање интернет киосци со безжичен пристап во руралните средини

Скопје, 25 јануари 2010

„Телелинк“, „Неоком“ и „Хелектрон“ се економските оператори кои за шест месеци на територијата на целата држава во рурални средини треба да инсталираат 680 интернет-киосци со безжичен интернет пристап по што четири години да нудат интернет со субвенции од државата.


Договорот за поставување на интернет-киосците и нудењето на услугата денеска го потпишаа министерот за информатичко општество Иво Ивановски со претставници на операторите избрани преку електронско јавно наддавање врз основа на најниско понудени цени.


Услугата од економските оператори се состои од инсталирање интернет-киоск лоциран до подрачно училиште во руралните средини, преку кој со безжичен систем ќе биде зрачен бесплатен интернет-сигнал во радиус од 250 метри. Киосците се изработени од нерѓосувачки челик отпорен на какви било влијанија од минус 20 до плус 60 степени, содржат вграден компјутер со метална тастатура со македонска поддршка, при што ќе нема можност за сурфање со несакани содржини.


- Со воведувањето на 680-те киосци сакаме бенефитите од современите технологии да ги уживаат и граѓаните од руралните средини. Очекуваме Македонија уште еднаш да биде пример за останатите држави со оглед на тоа што намалувањето на дигиталниот јаз и електронската инклузија се приоритет на ниво на Европа, истакна на прес-конференција Ивановски.


Тој информира дека набавката на интернет-киосците и четиригодишната бесплатна интернет-услуга за граѓаните државата ја чини околу 2,5 милиони евра. Првично за таа намена биле предвидени 4,72 милиони евра, но при електронското јавно наддавање е постигната многу пониска цена и во зависност од регионот за кој конкурирале операторите заштедата е од 10 до 36 проценти. При јавното наддавање во кое учествуваа девет оператори се конкурираше за 13 региони со по 50 локации. Избраните три оператори со денеска потпишаниот Договор се обврзаа 30 проценти од киосците да ги постават за 120 дена, 60 отсто за 150 дена, а сите да бидат поставени во руралните средини во рок од 180 дена. По истекот на четиригодишниот договор интернет-киосците остануваат во сопственост на операторите. Покрај подобрување на употребата на интернет-технологијата во руралните средини голема придобивка од проектот со интернет-киосците е поставувањето на инфраструктурата за што досега немаше интерес од операторите поради економска неисплатливост.