Oбуки за наставниците во основното образование за подобрување на ИКТ во наставата

Скопје, 19 февруари 2010 

Почитувани,

 

Денес, 19.02.2010 (петок) во 12:00 часот, министерот за информатичко општество, м-р Иво Ивановски  присуствуваше на обуките за наставниците во основното образование за подобрување на ИКТ во наставата.
Се работи за обуки за ученичките тимови за техничка поддршка, кои се однесуваат на техничко одржување на тенките клиенти и Intel Classmate PC-ата и Едубунту оперативниот систем.


Обуките се одржуваат во периодот од 17 -19 февруари во хотел Балзак во Скопје.  Целта на овие обуки е да се оспособат 20 мастер тренери од територијата на цела Македонија за користење на Линукс модулите, со чија помош ученичките тимови за техничка поддршка ќе можат активно да се вклучат во превентивното одржување на новата компјутерска инфраструктура во училиштата. Материјалот кој беше презентиран за време на обуката е содржан во Прирачникот за ученички тимови за техничка поддршка – Линукс модул, кој наскоро ќе биде достапен во електронска форма за сите ученици низ Македонија.


Во текот на наредните месеци  мастер тренерите  ќе обучат по двајца наставници од секое основно училиште, чија главна задача ќе биде да ја координираат и организираат работата на ученичките тимови за поддршка во овие училишта. 
Во оваа програма, во текот на оваа учебна година се очекува да се вклучат околу 5.000 ученици од цела Македонија.


Во просториите каде што се одржуваше обуката, беше поставено и иновативно катче, беа поставени и презентирани едукативни уреди кои се наменети за користење од учениците, од најраната возраст.


Министерот Ивановски се сретна со наставниците и разговараше со нив за текот на  одвивањето на обуките.
На настанот присуствуваше и Александар Вудс, директор на Канцеларијата за образование во УСАИД.