Македонија домаќин на Балканската конференција за широкопојасен интернет

Скопје, 08 април 2010

- Широкопојансиот интернет е еден од најважните предуслови за развој на информатичкото општество и за пристап до дигиталните содржини што ги нуди современата ИКТ технологија.

Ова го изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски на денешната балканска конференција за користење на широко појасен интернет(СЕЦТ) чиј домаќин годинава е Македонија.


Министерот Ивановски изјави дека оваа Влада многу вложува во имплементацијата на овој вид на интернет, а за тоа говорат и статистичките податоци кои покажуваат континуиран раст во користењето на интернет пристапот и компјутерите од страна на македонските домаќинства.


“Во првиот квартал од 2009 година 54,1 отсто од домаќинствата во земјава користеле компјутер, а 41.8 отсто од нив имале пристап до интернет. Овие бројки покажуваат континуиран раст во користењето на компјутери и интернет од 10 отсто. Согласно овие податоци 81 отсто до домаќинствата користеле токму широкопојасен интернет“, истакна Ивановски.


Министерот додаде дека користењето на широкопојасен интернет овозможува зголемување на продуктивноста и е предуслов за раст на Бруто домашниот производ(БДП) на државава.


На конференцијата свое излагање имаше и првиот човек на Асоцијацијата за широкопојасен интернет Роџер Блеквеј како и првиот човек на Македонската асоцијација за информатички и телекомуникациски технологии МАСИТ Горан Митревски, кои укажаа на важноста од користењето на овој вид интернет.
Во рамките на конференцијата се одржува и саем на компании од делот на ИКТ технологијата. На саемот со свои штандови се појавија и македонските компании Сивус, Кејбл Тел, МакСат, Кабтел, Телекс, Зора, како и странските Телекс, Делта и други.