Промоција на 16 наслови на преведени книги од областа на информатичко–комуникациските технологии

Скопје, 15 април 2010

Премиерот Никола Груевски заедно со министрите за информатичко општество и за образование и наука, Иво Ивановски и Никола Тодоров денеска присуствуваа на промоцијата на 16 наслови на преведени книги од областа на информатичко–комуникациските технологии.

 

Насловите се дел од владиниот проект за „Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија”.

На денешната 17-та промоција беа претставени 16 нови наслови од областа на информатиката, а во наредниот период се очекува превод на уште 35 дела од оваа тема. Книгите ќе се користат од оваа година, а досега се испечатени и преведени вкупно 308 дела од владиниот проект.

 

 Министерот Ивановски истакна дека делата се селектирани во соработка со сите државни и приватни факултети во земјава, а се користат на најреномираните светски образовни институции.

 

- Во Македонија недостигаше превод на стручна литература. Токму еден од приоритетите на Владата е да се сочува македонскиот јазик во стручната терминологија, додаде Ивановски.

 

- Динамиката во научната дејност овозможува се поголем број на нејзини врвни обликувачи, книги и литература кои им се нудат на младите во средното и високото образование. Да се биде во тек со современите познавања од оваа област денеска претставува вистинско богатство и голема шанса за младите и нашата држава, рече премиерот Груевски и потенцираше дека ваквата достапност ќе му овозможи на секој студент да го прошири делокругот на знаење и лесно да допре до странската литература.

 

Токму тоа, посочи, била идејата на Владата кога го почнала проектот за превод на 500 стручни, научни книги и учебници. Премиерот најави дека е започната процедура за превод на дополнителни 500 книги и учебници во наредните години, меѓу кои 50 наслови од областа на информатичката технологија.