Промовиран веб-портал за учебници во електронска форма

Скопје, 21 април 2010

Министрите за информатичко општество и образование и наука, Иво Ивановски и Никола Тодоров денеска во ОУ „Гоце Делчев“ го промовираа веб-порталот e-ucebnici.mk на кој во дигитална форма се објавени учебници кои може да се пребаруваат по одделенија, наслови или по автори.

 

Електронските публикации им овозможуваат на учениците во секој момент и од секое место да ги совладаат наставните содржини на иновативен и интересен начин, а наставниците со помош на информатичката технологија нив да ги подготвуваат и презентираат. 


Во моментов се поставени околу 60 учебници, од кои најбројни се електронските верзии на учебниците за четврто и за седмо, а во иднина порталот ќе се дополнува со нови содржини. 


- Новиот проект е во функција на подобрување на образовниот систем во Македонија и учениците на помодерен и пософистициран начин да ја изучуваат материјата. Со достапот на оваа веб-страница сите учебници кои во моментов Министерството за образование и наука ги има во електроnски (пдф) формат, во Министерството за информатичко општество ги обработивме и ги поставивме на еден супермодерен веб-портал каде што учениците, но и сите граѓани ќе може да ги следат од каде било во светот, рече Ивановски.


Електронските учебници нема да ги заменат печатените учебници. - Целта е да се овозможи учебниците да бидат во електронски формат, но огромно е значењето на печатените учебници и ние во иднина ќе продолжиме тоа да го правиме. Ова е само можност повеќе за поквалитетен начин на учење, изјави Тодоров.


Тој информираше дека денеска ги потпишал избраните учебници за петто и за осмо одделение по новата програма. Соопшти и дека сите училишта ги доставиле своите потреби за учебници во 2010/2011 и оти до 15 август МОН ќе има обврска да ги набави и да ги дистрибуира.


- Наша цел е оваа година да не фали ниту еден учебник. Тука останува проблемот со средните стручни училишта, каде што немаше 534 учебници. Во моментов тече конкурсот, досега имаме околу 150 учебници. Се надеваме дека учебниците ќе бидат достапни и за учениците од средните стручни училишта и дека наредната година овој проблем ќе го немаме, додаде министерот за образование и наука.


Поради забелешки на стручната јавност за текстот во некои учебници, рецензентски тимови на МОН нив ги проверуваат. Тодоров донел решение за повлекување од употреба на учебникот по хемија за седмо одделение.