Институциите ќе добиваат имотен лист по електронски пат

Скопје, 05 мај 2010

Министерството за информатичко општество и Агенцијата за катастар на недвижности во наредните три месеци во пилот фаза ќе овозможат дел од државните институции да добиваат имотен лист по електронски пат.



Пилот фазата е почеток на услугата електронскиот имотен лист до институциите како дел од владиниот проект е-документи, за чија имплементација разговараа денеска министерот за информатичко општество Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за катастар Љупчо Георгиевски.

 

Електронскиот имотен лист е првата од 13-те услуги на Агенцијата за катастар на недвижности, што ќе биде понудена со проектот. Агенцијата ќе биде поврзана со 16 институции на кои им нуди услуги, како и со неколку од кои побарува информации како што се тие од матичната евиденција и од регистерот на трговски друштва.


Според Ивановски, имотниот лист во пилот фазата ќе биде доставен во ексемел формат, а институцијата која ќе го добие документот во електронска форма ќе одлучи дали ќе го печати или ќе биде задоволна од информацијата што ќе ја добие.


- Наскоро ќе се имплементира нова база на податоци за територијата на Град Скопје и пошироко каде имотните листови ќе може да се доделуваат и во ПДФ формат, што ќе биде дополнително олеснување и за граѓаните и за институциите. За останататата територија ќе се оди со ексемел формат кој во прва фаза исто така ќе биде само пилот проект, а откако ќе се покаже како успешен ќе следи промена на легислатива и на правилници со цел имотниот лист електронски и на многу поефикасен и побрз начин да се достави до граѓаните и до институциите, изјави Ивановски.


Тој оцени дека електронскиот имотен лист ќе значи заштеда на време особено при издавање градежни дозволи.


- Со воведување на електронскиот имотен лист Македонија ќе напредне и во извештајот на Дуинг бизнис каде моментно една од најболните точки е издавањето градежни дозволи. Имотниот лист ќе биде само една од услугите што ќе се нудат по електронски пат, најави Ивановски.


Проектот е-документи е решение со кое ќе се воведат правни, организацикски и технички мерки за имплементација на систем со кој ќе се овозмоѓи електронска и безбедна размена на документи меѓу државните институции соглансо нивните овалстувања. Во пракса кога граѓаните или бизнис заедницата се обраќаат до некоја институција за услуга самата институција треба да ги побара сите потребни документи од другите институции електронски.