Значајни средби на министерот Иво Ивановски на Светскиот самит за информатичко општество во Женева

Женева, Швајцарија, 13 мај 2010

На Светскиот форум за информатичко општество ITU кој деновите се одржува во Женева, Швајцарија, министерот Ивановски покрај воведната панел-дискусија на првиот ден, учество зeде и на две панел-дискусии на тема е-Владеење и презентацијата на новиот портал од Глобалната алијанса за развој на информатичкото општество за милениумските цели при Обединетите Нации.

 

Воедно, при службената посета на Женева, министерот м-р Иво Ивановски оствари неколку значајни средби со раководството на Интернационалната унија за телекомуникации ITU. На првата средба со Генералниот секретар д-р Хамадоун Туре беше разговарано за вклученоста на Македонија во ИТУ како и за напредокот што Македонија го направи во 2008-мата година во целокупниот развојот на информатичкото општество. Министерот Ивановски подетално го запозна Генералниот секретар со проектите на Министерството за информатичко општество и со програмата за работа на Владата на Република Македонија во делот на ИКТ. Д-р Туре ја поздрави посветеноста на Владата на Република Македонија во инвестирањето за развојотот на информатичкото општество, како гранка којашто има најголемо позитивно влијание во развојот на економијата.


Исто така македонската делегација оствари и средба со  директорот за развој при ИТУ г-динот Сами Ал Башир, во чијашто надлежност се структурните фондови за развој на информатичкото општество во неразвиените земји. Министерот Ивановски побара од г-динот Ал Башир поголема поддршка од ИТУ за помалите земји коишто имаат конкретни стратегии за развој на ИКТ, на што беше добиен позитивен одговор и лично ветување од Ал Башир за поголема поддршка и поголема соработака со Република Македонија.

 

Во текот на вчерашниот ден, македонската делегација го посети ЦЕРН. Домаќин на посетата беше македонскиот реномиран научник д-р Златко Димчовски кој работи во ЦЕРН повеќе од 40 години. Делегацијата го посети компјутерскиот центар, каде што се наоѓа најголемиот и најмоќниот супер комјутер во светот, како и најголемата база на податоци којашто се користи во колајдерот на честички.  При посетата, се разговараше за продлабочување на соработката помеѓу ЦЕРН и Владата на Република Македонија, како резултат на минатогодишниот потпишан меморандум за разбирање помеѓу двете институции, поврзување на универзитетите на Грид инфраструктурата и евентуална донација на компјутерска опрема од ЦЕРН кон државните универзитети.