Македонија во јуни домаќин на лидерска конференција за ИКТ во образованието

Скопје, 18 мај 2010

Македонија од 7 до 9 јуни ќе биде домаќин на првата лидерска конференција за информатичко-комуникациски технологии во образованието.

Конференцијата ќе се одржи во Охрид, во организација на Министерството за информатичко општество, во соработка со Министерството за образование и наука, а под покровителство на Интел корпорацијата. Примарна цел на конференцијата е да се разменат искуствата и најдобрите практики во спроведувањето на ИКТ во образованието, а еден од главните фокуси ќе биде да се претстави и напредокот што Македонија го има направено во процесот на развој на информатичкото општество.


Официјалното отворање ќе биде на 8 јуни, а за времетраењето на конференцијата планирано е да се одржат повеќе панел дискусии на теми како што се електронските содржини, тренинг, техничка имплементација и.т.н.


На конференцијата е најавено обраќање на потпретседателот на Интел, Џон Дејвис, а поканети се министрите за информатичко општество и за образование од Балканот, како и министрите од земјите од Источна Европа.


Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, одржувањето на една ваква конференција во Република Македонија е од особено значење за целата држава.


- Преку оваа конференција ќе се добие шанса на многу значајни и влијателни личности, директно да им се презентираат проектите кои што Владата на Република Македонија ги реализира, можностите што Македонија ги нуди како и реформите во државата кои што се спроведуваат, рече Ивановски на денешната прес-конференција свикана по тој повод.


Во извештајот што минатата недела беше публикуван за пропорционалноста ученик-компјутер, Македонија со однос 1,4:1 е лидер во регионот. За разлика од земјите во регионот, во основните и средните училишта во Македонија имаат пристап до широкопојасен интернет, а заедно со Црна Гора се единствените држави каде постојат задолжителни ИКТ наставни содржини во сите образовни нивоа. Лидер во односот ученик - компјутер е Шведска со сооднос 3:1.


Интел корпорацијата досега има организирано слични вакви конференции во различни земји во светот.