Почна со работа електронскиот Катастар

Скопје, 29 мај 2010

Од денеска официјално почна да работи електронскиот систем за Катастар со кој ќе овозможи побрза и поефикасна услуга за граѓаните.

Е-Катастарот засега е достапен за територијата на Град Скопје, а во блиска иднина се очекува негова имплементација и во останатите градови од државата.

 

Проектот чинеше околу 320 илјади евра, средства обезбедени од буџетот на Катастарот и на него се работеше неполни две години. Изработен е со најсофистицирана веб технологија од фирмата „Игеа“.

 

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски смета дека со имплементацијата на електронскиот Катастар се воведува поголема транспаретност, ефикасност и одговорност на институциите пред граѓаните, а се заштедува и време на корисниците на услуги.

 

Според вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, со воведувањето на Е - Катастарот значително ќе се зголеми сигурноста на податоците и ќе се овозможи поефикасна услуга за граѓаните.

 

- Сигурноста на податоците ќе биде значително зголемена бидејќи во реално време ќе се има пристап до базата на податоци. Со тоа и работата и процедурите во самиот Катастер се значително забрзани така што очекуваме и подобра услуга. Овој проект е еден од клучните за креирање ефикасна бизнис клима, особено во делот на работата со недвижностите и воопшто за целиот градежен сектор, истакна Пешевски на денешната официјална презентација на Е-Катастерот.

Тој додаде дека со ова, Македонија станува втора земја, по Словенија, во поранешна Југославија која успеала да стави во функција еден ваков систем.

 

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Љупчо Ѓорѓиевски,очекува од понеделник нормално да функционира скопскиот Катастар, кој во изминатите два дена не работепе со странки поради тоа што се вршеа подготовките за пуштање во употреба на новиот електронски систем.