Говор на министерот Иво Ивановски на лидерската конференција за ИКТ во образованието

Охрид, 08 јуни 2010

Почитуван Министер за образование и наука г-дин Никола Тодоров
Почитуван г-дин Џон Дејвис
Почитувани гости
Дами и господа,

 

На Светскиот самит за информатичко општество што минатиот месец се одржа во Женева, лидери од присутните земји членки на Обединиетите Нации, донесоа круцијална одлука за поинтезивно ангажирирање на владите ширум светот за креирање на глобално инклузивно информатичко општество. Во предлогот активности се опфатени 10 мерки со коишто ќе се следи напредокот на државите при развојот на информатичкото општество од кои една од тие мерки е ИКТ во образованието.

 

Ми претставува особена чест и задоволство што денеска во Охрид имам можност да ја отворам оваа конференција насловена како ''ИКТ лидерска конференција во образованието 2010’’.

 

Идејата за реализирањето на една ваква конференција во Македонија започна при една средба што ја имав со г-динот Дејвис на конференцијата за е-Образование во Лондон, кога разменувавме лични впечатоци од конференцијата. Дискутиравме дека на поголем број од конференции, присутните немаат можност директно да се запознаат со предизвиците со коишто се соочуваат владите при реализацијата на проектите во образованието. На повеќето конференции се говори за идеи, концепти и проекти што се планираат за иднина. Токму за таа цел, за да можат присутните од прва рака да се запознаат со предизвиците, во соработка со Интел се согласивме да организираме една конференција во Македонија, којашто нема само да претставува обраќање, тука на еден начин работна вежба. Министерството за информатичко општество на Република Македонија и Министерството за образивание и наука во соработка со INTEL корпорацијата ја организираат оваа лидерска конференција со цел да се обезбеди единствен форум и можност за глобалните и националните лидери да ги разменат своите планови, искуства и најдобрите практики за спроведување на ИКТ во образованието.

 

Се надевам конференцијата ќе понуди широки можности за сите учесници да размислуваат и дискутираат со експертите од приватниот сектор како и државниот, за важни теми и прашања со кои се соочуваат земјите во светот кои активно го имплементираат, или имаат во план да воведат ИКТ во образованието, се со цел развојот на вештините на 21-от век да стане национален приоритет за подобрување на социјалната благосостојба и компетитивноста во денешната глобална економија.

 

Дозволете ми најпрвин да ви ги претставам проектите коишто Владата на РМ ги превзеде во изминативе четири години како дел од владината инцијатива за воведување на ИКТ во образованието.


Со модернизација на школите се обезбедување компјутерска опрема за основните и средните училишта во Република Македонија, нова електрична и компјутерска инфраструктура во училиштата, одржување на компјутерската опрема, обезбедување на услови за непречено користење на информатичката опрема, развој на нови и локализација на постоечки дигитални содржини како дополнително помагало во наставниот процес, обука на сите наставници за користење на новата компјутерска опрема и софтвер, како и развивање на систем за наградување на наставниците.

 

Во 2007-та година започнаваме со детална анализа на школскиот систем во Македонија за да ги идентификуваме потребите за реализација на проектот Компјутер за секое дете. Бидејќи многу години во минатото не се инвестираше, одлучивме паралелно да се одвиваат неколку крупни проекти со цел македонските ученици да не заостануваат зад своите врсници од западно развиените Европски земји во однос на користењето на интернетот и компјутерите во образованието.


Се започна со спроведување на постапката за 98,710 работни станици, доволно да се задоволат сите средни и една третина од основните школи во Македонија. Паралелно се спроведуваше и набавката на 100,000 столчиња и 50,000 нови клупи дизајнирани за десктоп компјутери со заштитни канали за инсталацијата. Паралелно се правеа плановите за поставување на инсталацијата во сите образовни установи ширум државата, без разлика дали станува збор за централни или подрачни училишта како и подобрување на електричното напојување. Паралелно се истажуваа најдобрите образовни апликации од отворен код, се со цел навремено да се локализираат и прилагодат на наставните програми во Македонија и да се започне со обуки.
За сето ова да се реализира, потребна е максимална посветеност и максимална координираност на инволвираните институции. Со секое отстапување од планираното, се креираат нови дополнителни предизвици. Потенцирам дека соработката помеѓу инволвираните институции е многу важен фактор за успешна реализација на проекти од оваа големина.

 

Откако пристигнаа првите компјутери, се започна и со обуката на наставниот кадар за 46 апликации од отворен код којшто можат да се применуваат по поголем број на предмети, без разлика на возраста на учениците за којашто ќе се користат. Овие апликации беа селектирани од ИТ експерти, а одобрени од советниците од Бирото за развој на образованието коишто исто така ја спроведуваа обуката.

 

Во 2009-та започнавме со набавката на 22,000 лаптопи за секој наставник/професор во основните и средните образовни установи. Испораката беше кон крајот на 2009-та и почетокот на 2010, со што се опфатени сите наставници и професори во Македонија. Со овој личен лаптоп, ќе имаат можност на еден модерен прагматичен начин да ги спремаат содржините коишто ќе ги предаваат пред студентите.

 

Исто така во 2009-та Владата на РМ одлучи да набави и 53,000 Класмејт лаптопови за најмладите генерации во образовниот систем со тоа што се опраќаат сите ученици од прво до трето одделение. ЦМПЦ-ата се сместени во специјално дизајнирани ормари каде што им е обезбедена заштита и напојување. Навистина е големо задоволство кога иднината на Македонија од најмали нозе почнува да користи компјутери во секојдневниот живот, а за оние коишто ќе имаат можност да го посетат школото во текот на утрешниот ден, само ќе се уверат за позитивната енергија што владее кај малите ученици. Со оваа инвестиција, Владата инвестира во иднината на Македонија.


Но оваа опрема не беше доволна за опремување на останатите основни и подрачни школи, така што оваа година набавуваме уште 65,000 работни станици од коишто половината се пристигнати, а останатите ќе пристигнат во текот на месец август.

 

 

Почитувани,
Во последниот Извештај на Oбединетите Нации е направена споредба на 20-те развиени европски земји за пропорционалноста на ученик-со-компјутер во образовниот систем. Според таа листа предводник во светот е Шведска со 3:1  соодност на ученик-компјутер.  Би сакал да ви посочам дека во септември Македонија ќе стане лидер во светот со сооднос 1,4:1. 

Споредено со земјите од регионот, Република Македонија со однос ученик:компјутер 1,45 видно е лидер во областа на е-образованието. Овој однос во Албанија е 29, во Босна и Херцеговина 32, во Хрватска над 10, Србија 26, Црна Гора 16, Косово 270. Притоа за разлика од земјите во регионот, основните и средните училишта во Република Македонија имаат пристап до широкопојасен интернет.

 

Во прилог на лидерството на Република Македонија зборуваат и фактите за присуството на ИКТ наставните содржини во сите образовни нивоа. Република Македонија и Црна Гора се единствените земји во регионов каде постојат задолжителни ИКТ наставни содржини во сите образовни нивоа.

Денес ја имам таа привилегија за ПРВ ПАТ пред македонската јавност да го презентираме и официјално да го пуштиме во употреба порталот  skoool.mk.!!
Овој портал е донација од Интел, како резултат на меморандумот за соработка којшто Република Македонија го има потпишано со Интел. Овој портал е од особено значање за образовниот систем во Македонија затоа што ги опфаќа предметите Математика, Биологија, Хемија и Физика за основното образование а дел од нив ќе се користат за средните школи. Оваа апликација се применува и во поголем број на развиени земји, како Велика Британија, Турција, САД, Русија и други.  Министерстовот за информатичко општество и министерството за образование и наука со заеднички сили ги преведоа апликациите на македонски и албански јазик и почнувајќи од наредната школска година ќе можат учениците да го користат овој портал во наставата. Во текот на летните месеци ќе се спроведуваат обуките на наставниците коишто предаваат по овие предмети.

 

Почитувани присутни,
Модернизацијата на образовниот систем не е практична и едноставна работа. Во неа се вклучени голем број на фактори коишто се многу блиску поврзани. Во изминативе три години се соочувавме со голем број на предизвици од коишто дел беа предвидливи, а дел не предвидливи, што дополнително не стимулираше да работиме и да ги решаваме како што доаѓаа. Проект од ваква мерка е многу лесно и едноставно да биде критикуван. Кога ќе се земе во предвид дека со овој проект директно се опфатени 30,000 просветни работници и 390,000 ученици, се доаѓа до бројка од 420,000 граѓани директно инволвирани. Доколку кај 10% од нив има незадоволство, тоа е 42,000 граѓани кои што можат да критикуваат за неуспешноста и проблемите во секојдневието.


Правиот бенефит од реализацијата на овој проект ќе се идентификува после 5, 6 или повеќе години, откако една генерација ќе го помине половина од своето образование користејќи го компјутерот. И можеби ќе биде потребно време да се смени секојдневната навика и културата на директно инволвираните странки и по цена на целосна амортизација на постоечката опрема. Но напредокот којшто ќе се постигне во капацитетот кај идните млади генерации, е инвестиција што ќе создаде економија базирана на знаење и можности. Разликата помеѓу оваа Влада на Македонија и минатите влади е што оваа Влада има визионерство и гради и остварува проекти за иднината на Македонија. Овој проект нема да донесе краткорочни поени, туку ќе креира една млада генерација, којашто покрај познавањето на странски јазици, ќе го владее компјутерот како што го владее калкулаторот.

 

Почитувани присутни,
Ви благодарам на вниманието што ме ислушавте и ви посакувам пријатен престој во нашиот Охрид, бисерот на Балканскиот Полуостров, ви посакувам успешни работни средби и се надевам повторно ќе не посетите во блиска иднина.

 

Ви благодарам!!!