Министерот Ивановски на состанок со Комисијата за широкопојасен интернет на ITU во Женева

Скопје, 09 јули 2010

Почитувани,

 

Министерот за информатичко општество, м–р Иво Ивановски на 11 јули ќе присуствува на првиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет на Интернационалната телекомуникациска унија (ITU) во Женева под покровителство на Обединетите Нации.

 

 

Формирањето на Комисијата за широкопојасен интернет во 2010 година доаѓа пет години по одржувањето на првиот Светски самит за информатичко општество и десет години по лансирањето на Милениумските развојни цели на Обединетите Нации. Проширување на широкопојасниот интернет-пристап во секоја земја е клучниот начин како да се забрза постигнувањето на овие цели до крајот на 2015 година. На состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет ќе се дефинираат практичните начини за тоа како преку соработка на граѓанскиот со приватниот сектор ќе се постигне остварување на дефинираните цели.


Поконкретно, Комисијата за широкопојасен интернет има за цел да покаже дека широкопојасните интернет мрежи:

  • имаат исто ниво на значење како патните и електричните мрежи;
  • се основна инфраструктура во современото општество;
  • се уникатни и моќни алатки за постигнување на Милениумските развојни цели;
  • се исклучително ефективни и нудат импресивно враќање на инвестициите, и за развиените и за економиите во развој;
  • ги поткрепуваат сите индустриски сектори и сè повеќе се темел на јавните услуги и социјалниот напредок;
  • мора да бидат координирани на национално ниво од страна на владите во партнерство со индустријата, за целосно искористување на овие моќни алатки.

 

Претседател на комисијата е г-динот Карлос Слим, мексикански магнат, а помеѓу комесарите се Сер Ричард Брансон претседател на Виргин, Пол Отелини претседател на Интел, Цезар Алиента претседател на Телефоника, д-р Винт Серф потпретседател на Гугл, Бен Вервајен претседател на Алкател-Луцент, Џон Чамберс претседател на Циско и други владини претставници ширум светот, релевантни индустрии, меѓународни агенции и организации кои се занимаваат со развој.

 

На покана на Генералниот секретар на ИТУ, д-р Хамадун Тоуре оваа година министерот М-р Иво Ивановски стана дел од овој тим.

 

Повеќе информации за оваа комисија и за нејзината работа може да најдете на веб-локацијата www.broadbandcommission.org