Воведување на електронски содржини во образованието

Скопје, 19 август 2010

На последната седница на Владата на Република Македонија, Владата ја прифати Националната стратегија за развој на електронски содржини во образованието, која што беше поднесена од страна на Министерството за информатичко општество.

 

Оваа стратегија е документ кој ги обединува напорите на државните релевантни институции во градењето на концептот на е - образование во Република Македонија, односно воведување на нова околина како додадена вредност на веќе постоечкиот  образовен систем.


За таа цел во тек се обуки на наставен кадар по одредени предмети, Хемија, Биологија, Физика и Математика, а целта на овие електронски и дигитални содржини е да се даде поголема мотивација на учениците за учење и олеснување во совладување на одредени теми.


“Оваа стратегија ќе им овозможи на учениците индивидуален пристап кон учењето, со што се очекува зголемено знаење и вештини како од областа на предметите кои што ги изучуваат така и од областа на информатичките технологии. Да ја зголемат мотивацијата на ученикот за учење, да се овозможи додадена вредност со стекнување на дополнителни вештини и знаење, да го олеснат совладувањето на одредени наставни содржини кои се тешки за совладување од страна на учениците и да се зголеми компјутерската писменост и кај учениците и кај наставниците“, рече министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.


Дигиталните содржини ќе бидат мултимедијални, односно ќе содржат текст, анимација, звук и презентација. Дигиталната наставна содржина треба да биде  достапна во училиштата за време на наставата и да биде присутна вон наставата во домовите на учениците.
Ова нема да биде замена на постоечкиот систем на образование туку напротив претставува дополнување и модернизација на наставата.

“Ова во никој случај не може да се каже дека е замена за учебниците и за традиционалните услови за работа, туку дополнување на реализацијата на наставниот час и приближување до потребите на учениците. Во таа насока во соработка со министерството за информатичко општество претходнава година активно работиме на обука на наставниците кои ќе треба да ја работат оваа програма“, рече Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието.


Во развојот на оваа стратегија активно беа вклучени претставници од министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, професори од Академијата, експерти од приватниот сектор кој што активно развиваат вакви содржини со цел да се направи еден квалитетен стратешки документ кој што ќе може да се применува во наредните пет до десет години.