Меморандум за соработка за практична настава во областа на информатичките и комуникациските технологии

Скопје, 16 септември 2010

Министерството за информатичко општество и петте државни универзитети во Македонија денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализацијата на практичната настава. Таа со одлука на Министерството за образование и наука е задолжителна за студентите кои се запишале во 2010/2011 и треба да трае 30 дена во годината.

 

Меморандумот го потпишаа министерот за информатичко општество Иво Ивановски и ректорите или претставници на јавните универзитети во Скопје, Битола, Тетово, Штип и Охрид и деканите на Природно-математичкиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

 

- Целта на меморандумот е поедноставно да се спроведува воведувањето на практичната настава во државните институции, според новиот закон на МОН. Како Министерство за развој на информатичкото општество, ние ја предложивме оваа иницијатива до сите државни универзитети, а истото ќе го направиме и со сите приватни универзитети - да ги отвориме нашите врати сите студенти кои се едуцираат во областа на информатичките и комуникациските технологии да можат да бидат дел од проектите кои ги спроведува Владата на Република Македонија во развојот на информатичкото општество, рече министерот Ивановски по потпишувањето на меморандумот.

 

Тој истакна дека практичната настава ќе ги подготви студентите за поедноставно вклучување во економијата, откако ќе дипломираат.

 

- Нашите студенти имаат извонредни теоретски познавања, но им недостига практичната настава. Отворањето на вратите ќе им помогне на студентите да ја разберат материјата што ја изучуваат, но и на компаниите зашто е и во нивни интерес, додаде Ивановски.

 

Ректорите се согласни дека никогаш не е рано да се почне со практична настава зашто таа е наменета за да се надополни теоретското знаење.
- Паралелно со наставниот процес, треба да се пристапи веднаш кон практичниот дел. Според теоријата, човек може да каже дека го знае само тоа што може во пракса да го докаже, рече Агрон Река, ректор на Државниот универзитет - Тетово.

 

Деканот на ФЕИТ Миле Станковски посочи дека на нивниот факултет и досега имале пракса, според законската обврска од еден месец, и оти со поголем број државни и приватни компании од тие области имаат потпишано договори за соработка и позитивно искуство. Дел од студентите кои оделе во компаниите, како што рече, останувале таму и по два-три месеци. - Ова сега е само проширување на можностите за поголема практична работа во стопанството. Државата го направи своето, законски дозволи пракса во текот на студирањето. Сега компаниите се на потег да го овозможат тоа што законот го пропишува, да најдеме простор за сите студенти, рече Станковски.

 

Според него, може да се очекува проблем кај приватните компании да не сакаат да прифатат студенти по прва година, зашто досега за пракса примаат студенти во завршна година. - Бидејќи сега е задолжителна, треба да се најдат места за сите студенти по еден месец годишно и македонското стопанство да најде простор да прими толкав број студенти, додаде деканот на ФЕИТ Станковски.