Заменик министерот д-р Мирјана Секуловска го промовираше Законот за Македонската академска истражувачка мрежа-МАРнет

Скопје, 23 септември 2010

Почитувани,


На ден 23.09.2010 год во просториите на Министерството за информатичко општество, заменик министерот, д-р Мирјана Секуловска одржа брифинг во врска со Закон за Македонска академска истражувачка мрежа-МАРнет.

Покрај Законот за МАРнет заменик министерот говореше и за нејзиното присуство на неодамнешната Меѓународната конференција за информациска соработка, безбедност и компјутерски криминал кoја се одржа во Варна од 14-16 септември 2010 год. На брифингот со новинарите заменик министерот го соопшти следново:


Стратешка определба на Европската Унија во развојот на Информатичкото општество (ИО) претставува поддршката и развојот на националните академски мрежи кои се изразени преку конкретно финансирање и бројни документи, декларации и политички одлуки.


Европскиот парламент на два пати (Лисабон 2000 и Барцелона 2002) го има потврдено критичното значење на брзината и квалитетот на развојот на ИО во Европа за натамошен економски просперитет.


Исто така, меѓу писмата упатени до Владите на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) е и препораката од Генералниот Директорат на ЕУ за Информатичко општество (Varna Conclusions and Recommendations, www.terena.org/events/archive/nato-anw2003/) во кое експлицитно се бара од соодветните Влади конкретна поддршка за развој на нивните национални академски мрежи.
Целта е 2010 година Европа да стане водечка економска сила во светот базирана на знаење (knowledge based economy),  што се постигнува само со соодветна информациско - комуникациска инфраструктура.


Се смета дека истражувачките и образовни средини на секоја земја се клучен фактор за влез во ИО. Ако мерките не се преземаат на време на национално ниво, соодветната земја ќе биде исклучена од процесите во Европа, од ЕРА (European Research Area), како и од заедничкиот образовен простор, со ризик за информациска исклученост и продлабочување на дигиталниот јаз.


Европската Унија преку петтата, шестата и седмата рамковна програма го финансираше и финансира развојот на брзите академски мрежи преку проектот GEANT. Мрежата GEANT поврзува 37 национални академски мрежи на Европа (сите Европски земји освен Албанија и Босна и Херцеговина, плус Турција и Израел) со брзини од 10 Gbps до 40 Gbps и буџет од 93 милиони евра.


Разбирајќи ги овие препораки и цели, кои Владата на Република Македонија ги преточува преку проектите во образовниот систем и во научно-истражувачката дејност, се констатира дека реформата на МАРнет е една од клучните работи што треба да се направи.
За таа цел Министерството за информатичко општество во соработка со петте државни универзитети во РМ изготви Закон за МАРнет, којшто на 20.09.2010 год. е објавен во Службен весник на РМ бр.124.


Позначајни активности на јавната установа МАРнет се:
-меѓуповрзување на сите истражувачки, високо-образовни и други образовни институции во нашата земја и интернационално поврзување со брз пристап до Интернет,

- воведување, вреднување и анализа на нови сервиси и најнови мрежни технологии и нивна имплементација,

- партиципација во релевантни меѓународни организации и проекти,

-генерирање и трансфер на знаење,

-партиципација и партнерство во креирање на стратегии за развој на информатичко општество на една земја,

-носител на управување сo врвен Domain Name Сервис (DNS) - mk доменот, кој е од национално значење и преставува препознавање на Р. Македонија на светско ниво и негова либерализација.

 


Во врска со присуството на Меѓународната конференција за информациска соработка, безбедност и компјутерски криминал, г-ѓата Секуловска  го изјави следново:
Во контекст на значењето и улогата на Националните  истражувачки и образовни мрежи (National Research And Education Networks - NRENs), во РМ со Законот за МАРнет (MARnet) тоа е јавната установа МАРнет, дозволете ми да ја споменам Меѓународната конференција за информациска соработка, безбедност и компјутерски криминал што се одржа во Варна од 14-16 септември 2010 год., во организација на Руската Федерација, на којашто меѓу другите теми, се зборуваше токму и за значењето и улогата на академските истражувачки мрежи во обезбедувањето на безбеден Интернет односно академскиот аспект на киберкриминалот.


И со задоволство би сакала да соопштам дека моето учество беше проследено со значајни средби, размена на искуства со високи претставници на Руската федерација, Бугарија, Казахстан и други земји учесници, а особено значајно за Република Македонија е што од страна на Руската Федерација како главен организатор на Конференцијата беше предложена идејата за реализирање на следната Меѓународна конференција во нашата земја, во градот Охрид.