Електронската размена ќе овозможи поголема ефикасност во државната управа

Скопје, 05 октомври 2010

Претставници на пет државни институции кои најчесто нудат услуги и документи за граѓаните и фирмите преку презентации и стручни предавања  од денеска на работилница ги унапредуваат знањата за придобивките од меѓусебната размена на е-документи.

Целта е да се воведе електронска размена на документи за матична евиденција, имотен лист, извозно увозна декларација и даночната пријава, како најчесто користени од вкупно 180 документи и 60 услуги кои ги нудат државните институции.

 

- Ако се земе предвид дека во Македонија се издаваат над  900 илјади царински декларации годишно  кога ќе ја направиме  таа услуга електронски достапна сите патувања до шалтерите нема да бидат потребни, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски по отворањето на работилницата.

 

Целта на проектот, како што истакна, е да се постигне поголема ефикасност во државната управа, како и поголема транспарентност и одговорност кон граѓаните.

Ретко која од земјите во развој можат да се пофалат дека спроведуваат таков проект, кој е тренд во високоразвиените држави, рече Ивановски.

 

Придобивките од воведувањето на електронските системи, укажа министерот за информатичко општество,  претставени во студија на ЕУ, покажуваат дека секоја услуга што европските институциите  ја нудат на шалтер во просек чини десет евра, доколку се направи телефонски достапна трошокот за неа е евро, а ако стане достапна преку интернет само десет центи.

 

Директорот на Канцеларијата за економски развој при УСАИД во Скопје Џозеф Лесарт оцени дека  електронските  услуги што беа воведени во изминатиот период преку проектот е-Влада  ја подобриле комуникацијата меѓу  Владата и приватниот сектор од аспект на намалување на можностите за корупција, како и скратување на бирократските процедури и потребното време и трошоците за бизност.

 

Лесарт најави дека Проектот за е-Владата и Министерството за информатичко општество следниот месец ќе организираат уште две работилници за подобрување на знаењето за електронското владеење.

 

На работилницата што почна денеска, а ќе трае цела недела,  презентација ќе одржи консултантот д-р Амјад Умар, извршен директор на компанијата Next Generation Solutions, како и професор и директор на е-бизнис на Универзитетот за наука и технологија во Харисбург, Пенсилванија. Предвидена е и презентација на компјутерска алатка за стратегиско планирање, развиена од ОН, како и дискусија околу нејзината примена во е-документи проектот.

 

Работилницата ја организира Министерството за информатичко општество во соработка со УСАИД.