Македонија ќе користи естонски искуства за реформа на јавната администрација

Талин, 26 октомври 2010

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, кој е дел од државната делегација во Естонија, посети неколку центри во Талин со цел да се запознае со реформите на земјата во областа на информатичката трехнологија и можноста за нивна примена за да се унапреди државната администрација во Македонија која од идната година треба да биде во надлежност на Министерството за информатичко општество. 

 

- Главна цел на мојата посета е да го видиме напредокот токму во оваа област - реформите во државната и јавната администрација. И покрај тоа што нивните закони се различни од нашите, кога зборуваме за воведување информатичка и комункациска технологија во државните институции, исто како во Естонија и во другите земји, зборуваме за транспарентност, ефикасност и одговорност. Тоа Естонија го има постигнато на највисоко ниво, зашто се намалува човечкиот фактор во донесувањето на одлуките, изјави Ивановски.

 

Според него, тоа се процеси кои ќе овозможат поголема ефикасност на институцијата, а на државниот службеник да напредува во кариерата и да ги прошири своите капацитети, а најважно, пред се, е одговорноста пред граѓаните.

 

Ивановски посочи дека Македонија е пред Естонија во е-системот за јавни набавки, што го применува три години, а Естонија се подготвува сега да го воведе.

 

- Во тој поглед претседателот Ѓорге Иванов предложи македонски консултанти во еден заеднички твининг-проект да ја посетат Естонија и да можеме и ние да го размениме нашето позитивно искуство во напредокот што го имаме направено, конкретно во електронските јавни набавки,  рече Ивановски.

 

Естонија е меѓу најразвиените земји во ИКТ-секторот и меѓу земјите со највисок процент на раширеност на интернетот - кој нејзините 1,3 милиони жители го користат и за гласање на избори.