ИТ-сертифицирани обуки за 80 невработени лица

Скопје, 05 ноември 2010

Вкупно 65 невработени лица денеска ги потпишаа договорите за обука за ИТ-програми дефицитарни во ИТ-секторот, во рамки на проект на Министерството за информатичко општество во соработка со Агенцијата за вработување, финансиран од Владата во вредност од 7,380 милиони денари.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски по врачувањето на договорите истакна дека станува збор за нов проект за стручно доусовршување во областа на информатиката и информатичката технологија преку обука за програмски јазици и програмски алатки за невработени.

 

Проектот е во согласност со потребите на ИТ-секторот, поддржан е од стопанските комори во земјата, МАСИТ (Македонска асоцијација за информатичка технологија) и е резултат на истражувањата на пазарот на трудот.

 

- Идејата беше поттикната од приватниот сектор, а ова е еден пилот проектот од кој очекуваме позитивни резултати со оглед дека ИКТ пазарот во Македонија продолжува да расте. Минатата година прв пат бројот на вработени во ИКТ-пазарот беше поголем од вработените во комуникацискиот пазар, рече Ивановски.

 

Според анализите на МАСИТ, додаде тој, во периодот од 2009 до 2011 година се очекува зголемување на потребата за лица кои работат како техничка поддршка односно како администратори и дата-база дизајнери и тоа со обученост за програмите на Мајкрософт, Линукс, Јава програмери, Оракл дизајнери на дата база на податоци.

Како што информира директорката на Агенција за вработување Билјана Јовановска, кандидатите се од повеќе градови од државата, а избрани по спроведено тестирање на вкупно 180 пријавени лица. Обуката ќе ја спроведат три лиценцирани компании избрани на тендер, а лицата ќе добијат и ваучери за полагање на испитот за добивање на сертификат. Вредноста на еден пакет од вкупно седум кои се предвидени со проектот се движи меѓу 800 и 1.800 евра. Според пилот проектот, ќе следи и избор за обучувач за уште еден пакет за дополнителни 15 лица.

 

Во 2011 година се предвидува спроведување на сличен проект финансиран преку ИПА фондовите. 
По завршување на обуката се очекува овие лица активно да се вклучат во ИКТ-пазарот на трудот, на кој постои потреба за овој кадар.