Промовиран првиот македонски суперкомпјутер

Охрид, 20 декември 2010

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски денеска во Охрид го пушти во употреба првиот македонски суперкомпјутер. Станува збор за систем за паралелно процесуирање, изработен од студентите и професорите на Универзитетот за информатички науки и технологии  „Свети  Апостол Павле“ во Охрид, составен од 256 процесорски единици и капацитет на обработка на три илјади милиони пресметки во секунда.

 

- Овој суперкомпјутер е потврда на заложбите на Владата на РМ, за развој на информатичкото општество и стимулирање на истражувачката дејност. Особено сме задоволни што овој компјутер е изработен токму тука во овој универзитет, за кој очекуваме да стане елитна образовна установа, чиј рејтинг и углед од година во година постојано расте, истакна Ивановски. Министерот додаде дека овој проект преставува успех на академската сфера на Македонија, изразувајќи надеж дека и останатите образовни институции во земјата ќе го следат примерот на Универзитетот во Охрид, да се следат светските трендови.

 

Ивановски појасни дека ресурсите на овој компјутер ќе бидат бесплатно достапни на располагање на сите заинтересирани физички и правни субјекти во земјава. 

 

Благоја Самакоски, ректорот на Универзитетот „Свети  Апостол Павле“, на претставувањето на суперкомпјутерот рече дека идејата при стартот на реализацијата на овој амбициозен проект е со евтини делови и компоненти да се создаде моќна сметачка машина, со перформанси резервирани за најсовремени машини. 

 

- Нашето основно мото при изработката на овој суперкомпјутер беше концептот да не измислуваме топла вода или тркало, туку да ги правиме оние работи што и други ги прават, но притоа да ги внесуваме нашите креативни способности за развој и иновации, рече Самакоски.

 

Тој додаде дека изработката на суперкомјутерот е почеток на процесот на создавање квалитетни кадри, способни да го следат па и да предничат во областа на ИТ која бележи постојан раст и развој.

 

- Ние треба да бидеме подготвени за битка со гигантите околу нас. Таа битка ќе ја добиеме преку образование на нашите млади кадри, споспобни да ги надминат потенцијалите на гигантите. Ова е еден, можеби прв чекор во таа насока, рече Самакоски.

 

На презентацијата на перформансите на суперкомпјутерот беше истакнато дека со мали средства се создава систем, што во иднина ќе се користи за истражување и развој на кадри што ќе произведуваат компјутери и системи со кои ќе се држи чекор со најбрзите светски компјутери и технологии.

 

Самиот компјутер преставува систем на процесорски единици чија вкупна цена изнесува не повеќе од 20 илјади евра, а со капацитет на супероперативни машини. Како најважен беше посочен фактот што елементите од кој е составен суперкомпјутерот се мошне евтини, значи не бара посебно одржување, тоа ќе го прават самите студенти, а истовремено ќе се обучуваат и ќе ги достигнат светските стандарди за брз временски рок.

 

Министерот Ивановски, меѓу другото, најави дека веќе во тек се преговори за проекти за конкретно искористување на капацитетите на суперкомпјутерот, заедно со системите шти ги поседува Министерството за информатичко општество.