Македонија очекува раст на информатичко-комуникациските услуги

Скопје, 23 декември 2010

- Во 2011 година очекуваме многу поголем раст на софтверот во однос на минатото и пораст во нудењето услуги. Тоа е наш приоритет зашто додадената вредност токму на овие два сегмента на пазарот е најголемо, не само во Македонија, туку и во светски рамки. ИКТ пазарот ќе продлжи да расте. И лани бевме единствена земја која немаше пад како Србија, БиХ, Црна Гора, Словенија и Хрватска, напротив, забележавме пораст, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски при денешната посета на ИКТ Компанијата „Кабтел“. 

 

Зголемен раст на софтверот и на услугите во 2011 година очекува домашниот информатичко-комуникациски сектор, компаниите од оваа сфера успешно се справуваат со проблемите што ги наметна светската економска криза, но Владата ќе продолжи да им помага на приватните бизниси.

 

Анализите во светски рамки покажуваат дека ИКТ индустријата идната година ќе порасне за седум отсто, поголем дел хардверот, четири проценти, два отсто софтверот и околу 3,6 отсто услугите. 

 

-Во регионот сме една од водечките држави, слободна можам да речам и прва според развојот на ИК технологијата. Проблеми има, но се решаваат. ИКТ индустријата како најмлада и најбрзорастечка, наоѓа начин да ги премости. Недостасуваат и кадри. Но ако земјата сака да се движи напред, мора да инвестира во ИКТ, истакна сопственикот на „Кабтел“ Горан Митрески.

 

Министерот Ивановски се информираше за активностите и идните планови на „Кабтел“. Владата, рече, ги детектира влијанијата на надворешните фактори врз ИКТ секторот и врз основа на тоа прави стратегии што ќе им бидат од голема корист на домашните компании.

 

-Видов презентација за управување со бизнис процес, нешто многу актуелно во регионот и во светот. Практично се прави анализа за начинот на кој функционираат институциите за да можат со инсталирање ИКТ опрема да бидат поефиксани и потраснпарентни. Министерството за информатичко општество подолго време го спроведува проектот електронско водење документи. Се што се работи на хартија да се направи електронски, а со новите надлежности од 1 јануари 2011, еден од приоритетите ќе биде да се анализира како поголем број државни институции ја вршат својата работа. Тоа ќе ни покаже каде можеме да автоматизираме дел од процесите со цел државните органи да бидат многу поефикасни и потранспарентни, а администрацијата поодговорна пред граѓаните, потенцира Ивановски.

 

Притоа додаде дека Владата ќе продолжи да им помага на фирмите преку проектите за развој на апликации, услуги,..., со цел повторно да излезат на пазарите надвор и таму да спроведуваат исти, слични и поголеми проекти.

-Повеќето земји од регионот не копираат, ја следат Македонија како чекори и во она што го направи пред неколку години, рече Ивановски.