Ивановски: Драстично ќе го смениме концептот на функционирање на јавната администрација

Скопје, 20 јануари 2011

Реформите во администрацијата во наредните три до четири години ќе одат со брзо темпо и ќе има голем број проекти што драстично ќе го сменат концептот на функционирањето на јавната администрација во Македонија. Со новиот начин на живеење станува потреба државата да прави реформи со цел да може да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните и, пред се, на бизнис заедницата, најавува министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во интервју за МИА.

 

Министерството за информатичко општество и администрација на почетокот на годинава презема дел од надлежностите поврзани со администрацијата и нејзината реформа. Ивановски вели дека веќе се направени повеќе конкретни чекори, а меѓу нив и активностите за анализа на Законот за општа управна постапка, кој најверојатно ќе претрпи измени и дополнувања.

 

- Конкретен предлог на кој што веднаш почнавме да работиме е Законот за општа управна постапка, кој што е еден од повеќето закони поврзани со администрација. Врз основа на овој закон ќе се направат неколку анализи и тоа за системот молчење како одобрување, потоа за комисиите за второстепени жалби и третата анализа се однесува на роковите што се наведени во Законот за општа управна постапка. Веќе е направено работно тело со експерти од надвор со помош на Светска банка. Ангажирани се реномирани професори од уставно право и управно право во Македонија со цел да можеме во наредните два месеци да предложиме конкретни измени и дополнувања на Законот за општа управна постапка, најави Ивановски.

 

На 28 декември Владата усвои Стратегија за реформи во јавната администрација, како и Акциски план во кој се предвидени сите активности за реализација за 2011 година.

 

- Законот за јавна администрација стапува на сила во април. Со тој закон сите институции се врзани во рок од три месеци да достават информации за бројот на вработените и со каков капацитет располагаат институциите во Македонија. Тоа е тој регистар на јавната администрација што ќе треба да се формира во периодот од април до јуни. На крајот на јули треба да имаме крајни податоци за број на вработени во јавна администрација за полова, правична застапеност, структура на вработените на пример колку има вработено правници, економисти..., вели Ивановски.

 

Според него, сега во државната и во јавната администрација во Македонија се вработени околу 120 илјади лица, од кои околу 10 илјади се државни службеници. За споредба, посочува тој, администрацијата во Словенија брои меѓу 160 и 180 илјади лица.

 

Министерот Ивановски во интервјуто за МИА наведува низа реформи што ќе се спроведат во следниот период во администрацијата во насока на подобрување на услугите за граѓаните, но и за поефикасно и потранспарентно извршување на задачите од страна на вработените во администрацијата.