Стандарди за управување со човечки ресурси

Скопје, 21 февруари 2011

Министерството за информатичко општество и администрација со поддршка на проектот Градење на капацитети за ЕУ интеграција, финансиран од Британската Амбасада (фонд СПФРЕ), во текот на февруари и март 2011 година, продолжува со циклусот локални обуки за имплементација на Стандардите за управување со човечки ресурси. Обуките се наменети за вработените во одделенијата за управување со човечки ресурси во рамките на државната служба како и за средното раководство одговорно за развој и за планирање на човечките ресурси во рамките на своите институции.

 

Стандардите кои се тема на обуката и чија примена е препорачана од страна на Владата на РМ се најдобри европски практики кои ги опфаќаат следниве области: (1) Менторство и воведна обука  (2) Управување со отсуства од работа (3) Делегирање (4) Комуникација (5) Балансирана картичка на успех (6) Проценка на потреби за обука (7) Излезно интервју и (8) Планирање и развој на кариера.

 

Обуките ги спроведуваат тренирани обучувачи од одделенијата за управување со човечки ресурси од државни институции, кои поминаа низ циклус обуки за обучувачи. Тие, во наредниот период, ќе ја пренесат својата експертиза и на претставниците од останатите институции, а со тоа ќе го поддржат процесот на воведување на Стандардите во останатите министерства и органи. На овој начин ќе се зголеми кругот на државни службеници подготвени да ги применат меѓународните стандарди за управување со човечки ресурси како оперативни процедури кои треба да придонесат кон подобрување на продуктивноста и на ефикасноста на вработените во државната администрација.