Промовиран системот за „Интероперабилност“ меѓу државните органи и институции

Скопје, 23 февруари 2011

Премиерот Никола Груевски придружуван од министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска во Централниот регистар го промовира системот за меѓусебно поврзување и користење на регистрите и базите на податоци меѓу државните органи и институции.
Со проектот „Интероперабилност“ првично се поврзуваат Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар, Царинската управа, а во најкус период ќе се поврзе и МВР.


Како што појасни министерот Ивановски, се работи за платформа која на безбеден, ефикасен и модерен начин овие институции ќе разменуваат податоци.

 

- Со проектот се опфатени 138 услуги и 60 документи. Тоа се речиси сите услуги кои институциите ги нудат на граѓаните и компаниите, изјави Ивановски, додавајќи оти проектот „Интероперабилност“ постојано ќе се надградува, а неговата вредност е еден милион американски долари.


Со овој проект, потенцира премиерот Никола Груевски, почнува една од покрупните реформи во делот на државната и јавна администрација, на што Владата е посебно фокусирана.


- Се работи за поврзување на институциите по електронски пат, со што ќе им се овозможи на граѓаните давање услуги без при тоа да мораат да бараат претходни документи за да дојдат на финалниот шалтер каде им е потребен документ. Ќе биде доволно да се дојде на шалтер во соодветната институција, која ќе ги провери податоците кои се потребни и на тој начин за кратко време да се даде потребната услуга за граѓаните, рече Груевски.


Според него, ова е само почеток затоа што постепено ќе се вклучуваат и другите институции, за да може во последната фаза да се дојде до меѓусебно електронско поврзување на сите државни институции, по можност и на судовите.


- Очекуваме уште поголемо подобрување на бизнис климата и порака дека во земјата се воведуваат стандарди воведени во најразвиените држави во светот. Со овие мерки продолжуваме со посветеноста на реформите и овозможуваме поквалитетни и поефикасни услуги за сите граѓани, истакна Груевски, укажувајќи оти проектот „Интероперабилност“ е еден од клучните проекти во реформата во државната и јавна администрација.